Дури 29 пенали, четири црвени картони и само еден меч без голови… Зад нас е драматично Светсско Првенство, како најава за уште поголеми возбудувања по четири години во Катар.
Финалето со конечен резултат 4-2 беше само потврда за суперинтересниот Мундијал што имавме можност да го следиме во изминатите триесетина дена. ВАР дебитираше, судиите добија шанса за поправен, прераната елиминација на Роналдо, Меси и Нејмар, многу пенали, малку црвени картони и само еден меч без голови (Франција – Данска во групната фаза), се само дел од работите по кои ќе остане запаметен овој светски шампионат.
Впечатоците ќе ги собираме и во периодот што следи, а во предвид сигурно треба да се земат и дел од овие интересни бројки.
На 64 средби во Русија постигнати беа 169 погодоци, два помалку од Мундиијалот во Бразил пред четири години. Финалето со конечни 4-2 беше најефикасно по она во 1966 година, кога Англија по продолженија славеше над Германија. На СП 2018 фудбалерите шутираа 1.623 пати, што е за 75 пати помалку од Мундијалот во Бразил. Од нив, вкупно 506 удари одеа во рамките на голот, што е за 82 пати помалку од СП 2014.
Севкупно гледано, на овој Мундијал фудбалерите имале 59.225 додавања, што е за 4.460 повеќе отколку на СП во Бразил. Најуспешен во „пасовите“ беше Серхио Рамос, со просек на успешност од 94,5%.
Мора да се истакне и дека дури 43% од головите се постигнати по прекин. Вкупно 73, што е најмногу од 1966 година. Дури девет погодоци беа постигнати во 90. минута или подоцна, а Мундијалот беше малерозен за многумина, па така 12 фудбалери си постигнаа автоголови, меѓу нив и Марио Манџукиќ со неговата неспретна интервенција во големото финале.
Судиите имаа помош од ВАР-технологијата, па дури 29 пати беше покажано на белата точка, од кои 22 удари завршија во мрежата.
Најмногу голови на СП 2018 постигна Белгија, дури 16, најслаба одбрана имаше Панама со 11 примени погодоци. Најголем посед на топката имаше Шпанија со 74,1’%, а најмал Иран (26,5%). Интересно, Франција стана светски првак иако во финалето имаше само 39% од поседот врз топката. „Триколорите“ имаа само 41% во оваа категорија во полуфиналето со Белгија, а севкупно на мундијалот поседот на топката на новиот светски првак е под 50%.
Највозрасен тим беше Исланд со просек од 30 години и 149 дена, а најмлад Нигерија, со просечни 25 години и 62 дена.
„Златната копачка“ заврши во рацете на Хари Кејн, кој постигна шест гола од кои три од пенал, два по корнер и еден максимално среќен, кога против Панама топката случајно го удри во ногата и го измами противничкиот голман. Најмногу голови со глава постигна колумбискиот дефанзивец Јери Мина, дури три.
Најмногу удари кон противничкиот гол упати Нејмар, дури 27 од кои 13 прецизни. Мора да се истакне дека францускиот напаѓач Оливие Жиру го одигра целиот Мундијал не само без гол, туку и без прецизен удар во рамките на противничкиот гол (се обиде десет пати, но или беше блокиран или биеше непрецизно).
Кристијано Роналдо со трите гола против Шпанија стана највозрасен стрелец на хет-трик во мундијалската историја (33 години и 130 дена). Белгија имаше 10 различни стрелци во Русија, израмнувајќи го рекордот на Италија од 2006 и на Франција од 1982 година.
Најмногу голови на овој Мундијал постигнаа фудбалери на ПСЖ, дури 13, пред Тотенхем со 13, Барселона со 11, Реал Мадрид со 10, потоа Атлетико Мадрид и Манчестер јунајтед по осум…
Сосема неочекувано, фудбалер со најмногу направени прекршоци е Анте Ребиќ од Хрватска (21), пред Александар Головин со 16 и Хавиер Маскерано со 15 фаули. Најчесто фаулиран играч на СП 2018 е Еден Азар (28), пред Нејмар (26) и Ракитиќ (20).
Сепак, не може да се каже дека овој шампионат беше груб, ако се знае дека беа покажани само четири црвени картони, од кои два за по два жолти (Германецот Боатенг и Русинот Смолников), додека само двајца играчи добија директен црвен картон, Колумбиецот Санчез во првото коло и Швајцарецот Ланг во осминафиналето против Шведска.
Најмногу одбрани на СП 2018 имаше Тибо Куртоа, кој беше избран и за најдобар голман на Мундијалот. Интересно, втор во оваа категорија беше Мексиканецот Очоа, кој на четири средби имаше 25 успешни интервенции. Тотално разочарување во оваа категорија беше Давид де Хеа, кој на четири натпревари имаше само една единствена одбрана. Процентуално гледано, најуспешен голман беше Каспер Шмајхел, кој имаше вкупно 21 одбрана, притоа запирајќи 91,3% од топките што беа упатени кон неговата мрежа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА