Сите четвртфиналиња во ЛШ: Лазаров против „својата“ Барса, Манасков против Фленсбург

Фленсбург вечерва го декласираше Брест Мешков и го запечати својот пласман во четврт-финалето од ракометната Лига на шампиони. Германскиот првак доминираше во однос на белоруската екипа и заслужено се најде во последната нокаут-фаза пред Ф4 турнирот во Келн. Таму Фленсбург ќе се сретне со Дејан Манасков и Веспрем, кои рутински славеа во двомечот против Спортинг Лисабон.

Добро познато, Вардар за ривал во следната фаза ќе го има Пик Сегед, тим што нема реноме на клуб од самиот врв, но кој поседува извонреден карактер. Впрочем, Пик Сегед сезонава два пати славеше против Веспрем, откако лани го симна тимот на Манасков од тронот на унгарскиот ракомет земајќи му ја титулата во домашното првенство.

Кире Лазаров со Нант го елиминираше Рајн-Некар Левен, а четвртфиналните пресметки ќе бидат од посебно значење за македонскиот капитен, со оглед на фактот дека следен ривал ќе му биде поранешниот клуб Барселона. Лазаров во дресот на Барса стигна до единствената титула европски првак во кариерата, а сега токму каталонскиот гигант ќе му стои на патот за ново учество на Ф4 во Келн.

Во последната четвртфинална пресметка ќе се сретнат ПСЖ и Кјелце, дуел на Раул Гонзалес со неговите поранешни ракометари од Вардар, Лука Циндриќ и Алекс Душебајев.

Се вчитува...