Зинедин Зидан нема да биде тренер на Реал Мадрид следната сезона. Реал загуби три трофеи за само 10 дена, беше елиминиран од Атлетик Билбао во шпанскиот Суперкуп, потоа од Алкојано во Купот на кралот, а со поразот од Леванте му дозволи на Атлетико Мадрид да избега на плус десет бода. Лидерот на табелата има и еден натпревар помалку, а ова значи дека тимот на Симеоне има шанса да направи уште поголема бодовна разлика во Примера.
Зидан ќе остане до крајот на сезоната поради почит кон сè што направи за клубот, поради трите врзани титули во Лигата на шампионите од 2016 до 2018 година и фактот дека минатата сезона ја врати титулата во Мадрид.
Тиражниот весник „Марка“ во своето денешно издание потврди дека Зидан веќе знае дека нема да биде на клупата следната сезона и дека ќе се раздели пријателски од „кралскиот“ клуб. Одлуката е веќе донесена, а Флорентино Перез ја почнува потрагата по нов тренер.
Како можен наследник на Зидан се споменува Масимилијано Алегри. За јавноста не е тајна дека веќе двапати тој има преговарано со Флорентино Перез, но никогаш немало официјален договор за соработка меѓу двете страни. Покрај Алегри, големи шанси во оваа трка му се даваат и на поранешниот голгетер на Реал, Раул Гонзалес, кој моментално е тренер на вториот тим на „кралевите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

