Сите го чекаат негово шишање: Погледнете ја реакцијата на навивачот на Манчестер Јунајтед по ремито со Вест Хем

Френк Илет, виралниот навивач на Манечстер Јунајтед беше очаен по ремито на неговиот клуб со Вест Хем. Тоа беше исход што ги уништи неговите надежи да се потстриже за прв пат по речиси 500 дена. Илет вети во октомври 2024 година дека нема да ја скрати косата додека Јунајтед не победи на пет натпревари по ред, а вчерашниот резултат значи дека неговиот предизвик почнува одново.

Јунајтед пристигна во Лондон кај Вест Хем по четири последователни победи под водство на менаџерот Мајкл Карик, а Илет веќе се подготвуваше за посета на фризер. Сепак, неговите планови беа расипани од Томас Соучек, кој ги доведе домаќините во водство во 50-тата минута. Реакцијата во живо на Илет, која ја гледаа речиси 100.000 луѓе на стриминг платформата Кик, кажа сè. Виралниот навивач ја држеше главата неколку секунди, а потоа се обиде да се утеши со зборовите: „Има време, има време“.

Дополнителна драма имаше кон средината на второто полувреме кога Илет и неговите пријатели помислија дека Каземиро израмнил. Еден од нив фрли конфети додека се радуваа и врескаа кон камерата, но прославата беше прекината од ВАР проверка што потврди офсајд. Илет се струполи назад во својот стол со помирен израз на лицето. Бенџамин Шешко израмни и донесе зрак надеж во судиското продолжение, но тоа не беше доволно за да се обезбеди победата и многу посакуваната фризура.

На крајот од мечот, пред речиси 180.000 гледачи Илет седеше замислено.

„Ајте повторно за следните пет“, му кажа еден од неговите пријатели.

Сепак, покрај разочарувањето, Илет ја покажа и позитивната страна.

„Колку подолго, толку подобро за добротворни цели“, рече тој, истакнувајќи дека ќе ја донира косата за Фодација која произведува перики за деца кои ја загубиле косата.

Се вчитува...