Сите го критикуваа, а тој минувал низ пекол: Крварев и повраќав 20 дена по ред, тоа беше хорор…

Гонсало Рамос пристигна минатото лето од Бенфика во ПСЖ и требаше да биде големо засилување за „светците“, но португалскиот ас не се наметна како најстандарден во плановите на Луис Енрике.

Дел од медиумите го критикуваа Португалецот на почетокот од оваа година објавувајќи дека не е доволно физички подготвен за да игра за ПСЖ, но Рамос во интервју дадено пред неколку дена обелодени што точно се случувало. Имено, тој се соочувал со сериозни здравствени проблеми поради кои подолг период во деември воопшто не тренирал.

„Прво имав вирус и кога мислев дека тој проблем е решен, ми кажаа дека сум добил инфекција на дебелото црево. Тоа беше хорор, загубив осум килограми за помалку од еден месец. Крварев и повраќав 20 дена по ред, четири или пет пати ме задржуваа во болница, па ме пуштаа. Не можев ништо да јадам, имав висока температура. Навистина беше шокантно сето она што ми се случи, но најважно е што тоа сега е зад мене“, откри Гонсало Рамос.

Португалецот досега собра 30 настапи во тимот на ПСЖ (голем дел од нив како резерва), притоа постигнувајќи девет погодоци. Челниците на францускиот првак сепак веруваат во квалитетите на Рамос, па ја активираа клаузулата за целосно да го откупат неговиот договор со Бенфика.

Се вчитува...