Сите четири македонски екипи, шампионот Вардар како и Шкендија, Работнички и Пелистер своите натпревари на европската сцена ова лето ќе ги играат на стадионот „Младост“ во Струмица.
Оставена е единствено можноста можеби Работнички да промени одлука доколку се добие дозвола за настап на стадионот на ФФМ во комплексот „Куќа на фудбалот“, но јасно е дека Струмица ова лето ќе биде центарот на европските клупски случувања.
Вардар и Шкендија последни се одлучија да ги играат мечевите во Струмица откако не добија дозвола за настап надвор од границите на земјава од УЕФА. Шкендија денеска и официјално потврди дека европските натпревари ќе ги игра на стадионот „Младост“.
„Шкендија своите европски натпревари ќе ги игра во Струмица. Со оглед на тоа што ‘Телеком арена’ во Скопје не е на располагање, Шкендија бараше своите натпревари да ги игра во Елбасан, Албанија, но УЕФА го одби ова барање. Шкендија доби дозвола од властите во Елбасан како и од Албанската фудбалска федерација, но сепак УЕФА не го дозволи тоа. Па, Струмица остана единствена опција“ – се вели во соопштението од ФК Шкендија.
Ждрепката за натпреварите од првите квалификациски кола во Лигата на шампионите и Лигата на Европа е закажана за 19. јуни во Нион, Швајцарија. Вардар ќе не претставува од 2. квалификациско коло за ЛШ, Работнички е носител, а Шкендија и Пелистер аутсајдери во 1. квалификациско коло за ЛШ.
Првите натпревари од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа се играат на 29. јуни, а реваншите се на 6. јули.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА