Колку пласманот на Европско првенство зависи и од изгледот на групата во која сте се нашле во квалификацискиот циклус, доволно зборува и фактот дека сите пет репрезентации кои беа во квалификациските групи Е и Г испаднаа уште во првиот круг од натпреварите на ЕВРО 2024.
Од квалификациската Група Е, Албанија и Чешка директно се пласираа на ЕВРО 2024, додека Полска преку Лигата на нации потоа се избори за место меѓу најдобрите на Стариот континент.
И, интересно сите три репрезентации ги освоија последните места во своите групи на Европското првенство во Германија, заминувајќи дома уште по групната фаза од натпреварите.
Сосема идентично и од Групата Г. Унгарија и Србија се веќе дома. Србите, исто така, како последно пласираните во групата а Унгарците успеаја едвај со гол во судиско продолжение да дојдат до третото место но, како една од најслабите третопласирани селекции не успеаја да продолжат понатаму.
Од друга страна, една Норвешка, со имиња во своите редови како Халанд, Одегард, Берг…, но и Шведска, која беше во група со Белгија и со Австрија, не успеаја да изборат место на ЕВРО 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА