Низ Европа, љубителите на фудбалот се подготвуваат за 17. издание на Европското фудбалско првенство кое денеска почнува во Минхен со дуелот меѓу домашната Германија и Шкотска. Вкупно 24 тима ќе се борат за слава, при што Грузија дебитира на финалниот турнир, а бранителот на титулата Италија сака да ја задржи својата круна.
На неколку часа пред стартот на шампионатот ги разгледуваме рекордите кои може да бидат урнати на овој турнир.
Најмногу титули на Европските првенства:
Две земји го подигнаа трофејот во три наврати: Германија, во 1972, 1980 и 1996 година (првите два пати како Западна Германија); и Шпанија, во 1964, 2008 и 2012 година. Двете нации ќе се надеваат дека ќе го урнат рекордот и ќе стигнат до четвртата титула. Зад нив, Италија и Франција би можеле да бидат дел од рекордот со трета победа на турнирот.
Најмлад фудбалер и најмлад стрелец во историјата на ЕП:
Играчот од средниот ред Каспер Козловски (16 октомври 2003 година) беше на возраст од 17 години и 246 дена кога влезе од клупата за Полска за време на нивното реми 1–1 против Шпанија на 19. јуни 2021 година.
Овој рекорд може да падне од крилото на Барселона, Ламине Јамал (13 јули 2007 година) на Евро 24. Талентираниот тинејџер ќе има само 16 години и 338 дена кога Шпанија ќе го започне својот турнир против Хрватска.
Јамал може да го урне и рекордот за најмлад стрелец на шампионатите кој досега го држи Швајцарецот, Јохан Вонлантен од првенството во 2004 година кога со само 18 години и 141 ден беше стрелец за својата земја во поразот од Франција 3-1.
Најстар фудбалер во историјата на ЕП:
Португалскиот ветеран Пепе (26 февруари 1983 година) би можел да стане најстариот играч на турнирот во Германија, откако веќе го прослави својот 41 роденден. Рекордот го држи голманот Габор Кирали (1 април 1976 година), кој имаше 40 години и 86 дена за време на осминафиналето на Унгарија во ЕП 2016 против Белгија.
Најмногу голови на едно Европско првенство:
На турнирот во 1984 година, Мишел Платини погоди девет пати во пет натпревари – вклучувајќи два хет-трика и беше главниот виновник што Франција стигна до титулата. Капитенот на Англија, Хари Кејн и францускиот талисман, Килијан Мбапе ќе бидат меѓу фаворитите да завршат како најдобар стрелец на Евро 24, но едно име за гледање може да биде и Белгиецот Ромелу Лукаку.
Напаѓачот има 83 репрезентативни гола зад своето име, а постигна 14 во само осум натпревари за време на квалификациите што се најмногу голови на еден квалификациски турнир за Европското првенство.
Најмногу настапи на Европско првенство:
Кристијано Роналдо досега има одиграно 25 натпревари на ЕП. 20 години од неговото деби на Евро 2004, Роналдо ќе очекува да ја зголеми оваа бројка. И тоа нема да биде единствениот рекорд што би можел да го урне. Тој има постигнато најмногу голови на Европското првенство 14, на пет одделни турнири.
Роналдо (роден на 5 февруари 1985 година) ќе наполни 39 години и 134 дена кога ќе започне турнирот во Германија. Доколку го додаде својот рекорден број на голови, тој ќе стане и најстариот стрелец на Европското првенство на УЕФА – заменувајќи го Ивица Вастиќ (29 септември 1969 година), кој постигна гол за Австрија против Полска на ЕУРО 2008 година на возраст од 38 години и 257 дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА