Мохамед Салах игра неверојатно сезонава, промовирајќи се во лидер на нападот на Ливерпул подобар и од Фернандо Торес и од Луис Суарез во нивните најдобри времиња во дресот на „црвените“. Извонредниот настап и четирите гола против Ватфорд му овозможија удобна предност на врвот на листата на стрелци, а Салах продолжува да урива рекорди со секој следен натпревар.
Египетскиот ас досега има израмнето или урнато неколку врвни достигнувања:
- Најдобар дебитант во историјата на Ливерпул. Салах има 36 гола (28 во Премиер-лигата, 7 во ЛШ и 1 во ФА Купот) на 40 натпревари сеззонава. Тој веќе во март го урна рекордот на Фернандо Торес, кој во својата прва сезона во дресот на Ливерпул (2007/2008) постигна 33 погодоци.
- Најмногу голови за Ливерпул во „ерата на Премиер-лигата“. Роби Фаулер е последниот фудбалер на Ливерпул што успеал да постигне 36 гола во една сезона (1995/96), од формирањето на Премиер-лигата па се досега. Салах вчера го израмни, а има два месеци за да го урне тој рекорд.
- Најмногу голови со левата нога. Од овие 36 Салах дури 23 погодоци постигнал со својата лева нога, уривајќи го досегашниот рекорд на Фаулер од 19 гола постигнати со „левица“.
- Четири гола без промашување. Тој постигна четири гола против Ватфорд, а уште поимпресивно е што тоа го стори со четири шута кон противничкиот гол. Последниот ас кому тоа му успеало е Андреј Аршавин, кој токму против Ливерпул постигна четири гола со четири шута.
Доколку продолжи во сличен голгетерски ритам, пред Мохамед Салах се уште неколку рекорди што Египќанецот би можел да ги урне во следните натпревари:
- Најдобар стрелец во историјата на Премиер-лигата. Тој веќе има 28 погодоци, само шест помалку од актуелниот рекорд што го делат Алан Ширер и Енди Кол, како најдобри стрелци во „модерната ера“ на Премиер-лигата. Салах има седум натпревари за да се обиде да го урне и овој рекорд.
- Најдобар африкански стрелец во една премиерлигашка сезона. Само еден гол го дели од досегашниот рекорд на Дидие Дрогба, кој беше стрелец на 29 погодоци за Челси во сезоната 2009/2010.
- Најдобар стрелец на Ливерпул во сите натпреварувања во една сезона. Салах досеега има 36, а рекордот му припаѓа на Јан Раш, кој беше стрелец на 47 погодоци на 65 натпревари за Ливерпул во сезоната 1983/84.
- Најмногу голови за Ливерпул во Премиер-лигата. Луис Суарез имаше фантастични бројки во 2013/2014, постигнувајќи 31 гол за „црвените“. Египќанецот во моментов има само три гола помалку од Уругваецот, кој сега настапува за Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА