СИТЕ РЕКОРДИ НА „ЗЛАТНИТЕ МОМЦИ“: Пет победи по ред без примен гол, Столе несовладлив 531 минута, најуспешна година од независноста!

Македонската репрезентација со двете ноемвриски победи и извонредниот циклус од Лигата на нациите 2024 собори серија рекорди во своето повеќе од 30-годишно независно постоење кои остануваат како нов момент за достигнување низ сите идни предизвици.

Одличниот настап без сомнение ја издвои Македонија, покрај трансферот во повисок ранг на натпреварување во Лигата на нации, и со максимални шанси и за бараж за Светското првенство 2026 што, без сомнение, е нов историски успех по баражот за пласман на СП 2022.

Сите соборени рекорди на македонската репрезентација:

  • Првпат од постоењето на Лигата на нациите која стартуваше во 2018 година, Македонија се избори за место во Б-дивизијата, втора по ранг лига според квалитетот на националните тимови. Со тоа, Македонија првпат во историјата ќе биде меѓу ТОП 30 селекции во Европа.
  • Македонската селекција го израмни и рекордот на најдобар резултатски скор воопшто досега во Лигата на нации во сите дивизии – 16 освоени бода. Досега 16 бода во групната фаза на Лигата на нациите освоиле само Франција во сезоната 2020/21 во групата 3 од А-дивизијата (гол разлика 12-5), Велс во истата сезона но во Б-дивизијата во групата 4 (гол разлика 7-1), Холандија во сезона 2022/23 во Група 4 од А-дивизијата (гол разлика 14-6) и Грузија истата сезона во Ц-дивизијата во групата 4 (гол разлика 16-3).
  • Македонската селекција во континуитет вторпат едноподруго, во два последователни циклуси, по оној за пласман на СП 2022, веќе е со огромни шанси да се избори за нов бараж за Светско првенство – што би бил најголем успех на македонскиот фудбал. Дел од 16 селекции кои ќе разигруваат за место на светскиот собир во 2026 година.
  • Првпат во 30-годишното репрезентативно постоење Македонија има серија од пет едноподруго врзани победи, и тоа сите пет без примен гол. Претходно, најдолгата серија од четири победи беше на првата репрезентација во независноста водена од Андон Дончевски која имаше четири победи на првите четири дуели во нашата историја, но сите беа на пријателски натпревари.
  • Македонија првпат во историјата, со триумфот над Летонија, против една селекција со која има најмалку пет одиграни натпревари ќе има максимален ефект. Против Летонците сега има пет победи од исто толку меѓусебни дуели.
  • Продолжување на серијата од победи без примен гол која беше почната против Ерменија во септември. Голманот Столе Димитриевски го подобри сопствениот рекорд на несовладливост. Со двете ноемвриски победи против Летонија (1-0) и Фарските острови (1-0) Димитриевски дојде до 531 минута со незатресена мрежа, што е апсолутен рекорд во македонската репрезентативна историја.
  • Македонската фудбалска селекција ја има зад себе најуспешната година во историјата кога се однесува вкупниот резултатски скор. Во 2024 година Македонија има пет победи, две ремија и три порази, или 60% успешност. Со тоа што и првпат нема ниту еден пораз на официјален натпревар. Сите три порази оваа година беа на пријателски средби.
  • Македонија и дефинитивно ќе го осигура своето место во третиот шешир пред ждрепката за квалификациите за СП 2026. Првпат од формирањето националниот тим ќе биде во трет шешир во еден квалификациски циклус за СП или ЕП.

Се вчитува...