Сите сакаат на тронот, ама Вардар е на него – и не го дава така лесно!

Лани беа среќни дебитанти, годинава Вардар се враќа во „Ланксес Арена“ во Келн за да ја одбрани титулата и да влезе во историјата на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите. Првиот чекор за вардарци е денеска во полуфиналето против Монпелје (18 ч.)

Досега ниеден шампион во Лигата на шампионите во машка конкуренција не успеал да ја одбрани титулата во осумте изданија на Ф4 турнирот во Келн. Во последните пет години ниеден шампион и не стигнал до Ф4 во Келн за да ја брани титулата наредната година. Последне пат тоа му успеа на Кил во 2013 година. Вардарци ја преминаа таа пречка и сега им остануваат уште два чекори за да го повторат она што им успеа на ракометарките на Гер на женскиот Ф4 од ЛШ. Ѓер во Будимпешта го скрши малерот на шампионите. Две недели подоцна, истото ќе се обиде да го стори и Вардар во Келн.

Да играме и да уживаме како што го правевме тоа лани. Нема притисок, Вардар е шампион и треба да ја одбраниме титулата во Келн. Фокусирани сме само на она што ќе се случува на теренот. На завршниот турнир во Лигата на шампионите сите се фаворити“ – вели тренерот Раул Гонзалес за кого ова ќе биде проштален настап на клупата на Вардар пред неговата преселба во ПСЖ.

Монпелје е шампион во ЛШ од 2003 година, но за Патрис Канаје и за неговиот тим ова е прв настап на Ф4 турнирот во Келн. Четири дена пред настапот во Келн, Монпелје неочекувано беше поразен од Сен Рафаел и ја загуби титулата во Франција. Немаа многу време да се рехабилитираат од шокот, но се надеваат дека ќе се радуваат на друга титула во Келн иако ос страт фаворитската улога им ја препуштаат на другите.  Французите посакуваат француско финале во Келн, но свесни се дека за да стигнат до тоа прво ќе мора да симнат од тронот актуелниот шампион, а тоа не е нималку лесна работа.

Монпелје е првиот тим што успеал да стигне на Ф4 во Келн од „долниот дом“ во ЛШ, односно, од групите Ц/Д. Во елиминаторниот плеј-оф, Монплеје го победи Адемар Леон, а потоа приреди и две големи изненадувања елиминирајќи два поранешни шамопиони – прво Барселона, а потоа и Фленсбург. Сега пред нив е уште еден предизвик во актуелниот европски шампион Вардар.

Ние сме аутсајдери во Келн, но тоа не значи дека немаме амбиции. Ако си на Ф4, тогаш играш за да победиш. Ќе биде тешко, но јас сум сигурен дека сите четири екипи имаат подеднакви шанси да ја освојат титулата“ – истакнува тренерот на Монпелје, Патрис Канаје.

Тој на оваа позиција е полни 24 години, тренер со најдолг стаж во Европа на клупата на еден ист клуб. Канаје важи за еден од најдобрите тактичари меѓу ракометните тренери. Во таа категорија, можеби и малку повисоко во рангот е и Раул Гонзалес на другата страна што гарантира екстра возбудливо полуфинале во Лигата на шампионите.

За разлика од Канаје кој во изминатите две и пол децении стана синоним за Монплеје, Гонзалес по пет години го менува Скопје за Париз и ги води последните натпревари од клупата на Вардар. Освен за Раул Гонзалес и за неговиот помошник Давид Дејвис, ова ќе биде проштален Ф4 во „црвено-црниот“ дрес и за повеќе ракометари на Вардар како Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Жоан Канељас, Хорхе Македа, што е мотив повеќе да се искористи последната шанса и да се каже збогум од подиумот во Келн.

Се вчитува...