Сите тренери на Самсоненко: Крај на шпанската „ера“ во Вардар

Давид Писонеро повеќе не е предводник на стручниот штаб на Вардар, со што раководството на клубот стави крај на „шпанската ера“ кога станува збор за тренерската функција во овој клуб. За разлика од Раул Гонзалес и Роберто Парондо, третиот Шпанец издржа само неколку месеци пред да биде сменет, и тоа од прв тренер прекомандуван во асистент во стручниот штаб на „црвено-црните“.

По најновата тренерска рокада, еве мало навраќање на сите тренери што седеа на клупата на „вардарци“ откако на чело на овој клуб пристигна Сергеј Самсоненко.

ЗОРАН КАСТРАТОВИЌ

Рускиот милионер пристигна на чело на клубот во 2013 година, откако „вардарци“ на чело со Веселин Вујовиќ ја вратија титулата од Металург. Вујовиќ имаше суспензија од РФМ и Самсоненко бараше нов тренер, а од неколкуте опции го избра Зоран Кастратовиќ на клупата. Поранешниот селектор на Црна Гора го прифати предизвикот, но издржа кратко време бидејќи набрзо доби отказ. Одлуката за смена на Кастратовиќ ја обелодени самиот Самсоненко, на прес-конференција пред мечот од СЕХА против Нексе, не давајќи додатно објаснување.

СЕРГЕЈ САМСОНЕНКО

По смената на Кастратовиќ, рускиот газда реши и самиот да се испроба во тренерскиот занает, па Самсоненко го водеше Вардар на неколку натпревари. Објаснувањето му беше дека е привремена опција, додека не биде ангажиран адекватен стратег.

АНДОН БОШКОВСКИ

Асистентот на Веселин Вујовиќ во Вардар доби и самостоен ангажман, но и тој издржа како и Кастратовиќ, само околу два месеци на клупата на „црвено-црните“. Бошковски си замина од Вардар на само неколку часа пред големото дерби со Металург во СЕХА-лигата.

РАУЛ ГОНЗАЛЕС

Најдобра одлука на Самсоненко, кој по неуспешните преговори со Талант Душебајев се сврте кон неговиот поранешен асистент. Гонзалес пристигна во јануари 2014 година, веднаш импресионираше со својата скромност и работните навики, успевајќи експресно да ја крене играта на Вардар на едно повисоко ниво. Следеа разочарувачки порази во четвртфиналињата од ЛШ од Фленсбург, Кјелце и Веспрем, но Самсоненко остана зад овој стратег, одлука што му се исплатеше во 2017 година, кога „црвено-црните“ стигнаа до првата европска круна предводени од „ел команданте“.

РОБЕРТО ПАРОНДО

Раул доби богата понуда од ПСЖ и реши да се пресели во Франција, а опции за нов тренер имаше многу. Самсоненко остана доследен на „шпанската линија“, па улогата на прв стратег му ја додели на Роберто Парондо, кој му беше асистент на Гонзалес и беше добро запознаен со ракометарите, како и со начинот на функционирање на клубот.

Парондо направи чудо веќе во првата година, кога и покрај бројните заминувања на клучни ракометари и огромните финансиски проблеми успевајќи најпрвин да се пласира на Ф4, а потоа да му ја донесе на Вардар титулата европски првак. Поради огромната финансиска неизвесност, Парондо потпиша селекторски договор со Египет, со што прекина неговиот тренерски ангажман во Вардар.

ДАВИД ПИСОНЕРО

Шпанската „низа“ продолжи со ангажманот на Давид Писонеро, стратег што како и Гонзалес и Парондо немаше позначајни тренерски успеси во кариерата пред да дојде во Вардар. Сепак, следеше пораз од Кил на Супер-глоуб, потоа и неуспех во Украина против Мотор во СЕХА, за по поразот во Скопје од Кил во Лигата на шампионите да биде донесена одлука Писонеро да биде сменет од функцијата шеф на стручниот штаб.

Се вчитува...