Македонскиот фудбал вечерва од 20 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје го очекува 32-то свое финале во Купот на Македонија, овој пат меѓу екипите на Вардар и Струга ТЛ. „Вардарци“ во битка за седмиот свој трофеј во историјата, а стружани за прва титула во најмасовното клупско натпреварување.
Низ досегашната фудбалска независност во Македонија одиграни се вкупно 31 финален натпревар во Купот на Македонија, почнувајќи од оној првиот на 23 мај 1993 година во Скопје. Единствено, поради пандемијата на Коронавирусот Ковид-19 во сезоната 2019/2020 не се одигра финалето во најмасовното домашно клупско натпреварување.
Најуспешен клуб е Вардар со пет трофеи во независна Македонија и плус еден од 1961 година во Купот на Југославија, пред Работнички кој има четири титули, и Слога Југомагнат, Силекс и Македонија ЃП со по три освоени титули. Најмногу финални натпревари има Слога Југомагнат. Осумпати чаирчани беа дел од финалето, но само трипати се радуваа. Следува Работнички со седум финалиња во кои четири пати го освојуваше пехарот, па Вардар со шест финални средби.
Вардар е најтрофејниот клуб и во Купот на Македонија со пет освоени титули, но последната за „црвено-црните“ е пред дури 18 години. Речиси цели две декади Вардар чека трофеј во Купот. Последен пат беше освоен во 2007 година, тогаш под „палката“ на двоецот во спортското раководство на клубот, Дарко Панчев како директор и Драган Канатларовски како шеф на стручниот штаб.
Ако се погледнат освоените титули во Купот на Македонија, покрај Панчев и Канатларовски, уште и Драган Томовски, Ѓоко Хаџиевски, Ѓоре Јовановски, Кочо Димитровски и Васил Рингов се имињата со кои се врзани трофеите на Вардар во најмасовното домашно клупско натпреварување. Дарко Панчев, Драган Томовски и Ѓоко Хаџиевски имаат по два трофеи со Вардар како директори, односно шеф на стручен штаб.
Најголемото име во историјата на Вардар, Дарко Панчев, покрај трофејот од 2007 година, како директор има и титула во Купот од 1998 година, тогаш со Ѓоре Јовановски како шеф на стручниот штаб.
„Посакувам сега Вардар конечно да го прекине постот во Купот на Македонија кој трае 18 години, од 2007 година кога последен пат го освоивме. Посакувам достојна атмосфера која доликува на финалето на државен куп. Убеден сум дека навивачите по долги години ќе се радуваат на пехарот. Потребно им е, затоа што навивачите го заслужуваат тоа“ – вели Панчев.
А, Дарко Панчев има трофеј од Купот со Вардар и во младинска категорија во 1984 година кога беше освоен пехарот во Купот на Југославија. Тогаш со генерацијата во која беа и Коки Аврамовски, Љупчо Марковски – Калц, Слободан Мутибариќ, Георгиевски, Домазатеов…, Вардар во финалето ја победи Војводина со 3-2, со два гола на Панчев и еден на Љупчо Марковски – Калц.
ПРВОТО ФИНАЛЕ ВО 1993 ГОДИНА НИКОГАШ НЕЗАБОРАВНО
А, и тоа како, за „вардарци“ убави се сеќавањата и од првото спектакуларно финале во Купот на Македонија во 1993 година кога пред 22.000 гледачи на Градскиот стадион триумфираше Вардар против Пелистер со 1-0. Тоа, тогаш, низ почетоците на независна Македонија беше и многу повеќе од финале.
„Ретки се настаните во животот, кои со протек на времето, не избледнуваат. Еден таков, првото финале на Куп на Македонија, остана и останува, вечно врежано во моето срце, мојата меморија. Се случи во турбулентно време, време на формирање на држава, институции,асоцијации… Ние веќе ја освоивме првата титула шампион на Македонија, со извонредна серија на резултати и ненадмината гол-диференција 119-16 а за противник го имавме, најлутиот ривал и голем македонски клуб Пелистер. Во тоа време, неверојатна заинтересираност, медиумски извонредно испратена, полн стадион. Атмосферата и амбиентот на светско ниво, навивањето фантастично со голем придонес во тоа, на ‘Комитите’ и ‘Чкембарите’. Спектакл над спекатаклите. Во светот испратена исклучително позитивна слика ,за делот на можностите, која една млада држава ги создава и има“ – се потсетува тогашниот директор на Вардар, Драган Томовски кој има два трофеи во Купот со „црвено-црните“, покрај оној првиот, и од 1995 година.

„Иако, објективно, ние важевме за фаворити таа 1993 година, самиот натпревар беше прилично изедначен и поради одличната игра на Пелистер. Голот на Савов (екс играч на Пелистер) кај нас предизвика ерупција и излив на сите, до тој момент контролирани, емоции. Границите престанаа да постојат. Историјата е испишана а величенственото чувство не престанува. Медалот не е само ладен метал. Медалот сеуште ‘жеже’… Без да другите клубови се почувствуваат омаловажени, Вардар е еден и единствен…, практично неповторлив“ – вели Томовски.
Кога ќе се сумираат петте досега финални натпревари на Вардар во Купот на Македонија и освоени титули, стрелци на головите во финалињата за Вардар биле Жанко Савов, Горан Петрески (2), Сашко Крстев, Николче Здравески, Ванчо Трајчов, Артим Шаќири, Христијан Кировски и Дос Сантош Вандаир.
ФИНАЛЕ (23 мај 1993)
ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР (1-0)
Градски стадион, Скопје. Гледачи: 22.000. Стрелец: Жанко Савов 88′ (В). Главен судија: Гоце Попев (Скопје). Помошници: Ванчо Коцев (Штип) и Бранко Манојловски (Тетово). Четврти судија: Ангел Бунгуров (Кавадарци). Делегат: Трајче Маџоски (Прилеп)
ВАРДАР: Антонио Филевски, Зоран Јовановски (Тони Ангелов), Мирко Спасески, Љупчо Марковски – Калц (к), Гајур Садики, Влатко Костов, Тони Наумовски (Виктор Ефтимов), Сашо Тодоровски, Жанко Савов, Саша Ќириќ, Саше Милошевски
Тренер: Ѓоко Хаџиевски
ПЕЛИСТЕР: Петар Милошевски, Кире Грозданов, Аце Василевски, Драган Канатларовски, Димче Димов, Златко Цветановски, Горан Ставревски, Бруно Пресилски (Славчо Маркоски), Тони Мицевски, Ванчо Мицевски, Раде Каранфиловски (Кире Стерјов)
Тренер: Зоран Смилевски
ФИНАЛЕ (25 мај 1995)
ВАРДАР – СИЛЕКС 2-1
Градски стадион, Скопје. Стрелци: Петрески 53’, 74’ (ВАР); Захариевски 55’ (СИЛ). Главен судија: Крсте Даниловски (Скопје). Помошници: Миле Стојчевски (Скопје) и Делчо Јакимовски (Скопје). Делегат: Темелко Ордановски (Скопје)
ВАРДАР: Петар Милошевски, Кире Грозданов (56’ Тони Ангелов), Мирко Спасески, Светозар Станковски, Игор Николовски, Зоран Јовановски, Жанко Савов (78’ Марио Вујовиќ), Жарко Серафимовски, Горан Петрески, Саша Ќириќ, Сашо Милошевски
Тренер: Ѓоко Хаџиевски
СИЛЕКС: Кире Трајчев, Марјан Николов (60’ Огњен Дамњановиќ), Арсе Андовски, Раде Каранфиловски, Јовче Бизимоски, Љубодраг Милошевиќ, Ванчо Мицевски, Сашко Тодоровски (82’ Влатко Љушев), Зоран Бошковски, Илчо Боров, Срѓан Захариевски
Тренер: Зоран Смилевски
ФИНАЛЕ (24 мај 1998)
СЛОГА ЈУГОМАГНАТ – ВАРДАР 0-2
Градски стадион, Скопје. Стрелци: Kрстев 75’, Здравевски 83’ (ВАР). Главен судија: Сашо Лазаревски (Куманово). Помошници: Крсте Даниловски (Скопје) и Ѓорѓи Сапламаев (Гевгелија). Делегат: Трајче Маџоски (Прилеп).
СЛОГА ЈУГОМАГНАТ: Перо Каргов, Сашо Здравевски, Есад Чолаковиќ, Масар Омерагиќ, Фикрет Аломеровиќ, Адем Тупаиќ, Халид Ходаи, Неџмедин Мемеди, Ристо Божинов, Зоран Мисердовски, Феим Бегановиќ
Тренер: Златко Крмпотиќ
ВАРДАР: етар Милошевски, Горан Јовановски, Златко Тодоровски, Игорче Стојанов, Сашо Јанев, Горан Караџов, Кире Стерjов (60’ Драган Начевски), Николче Здравевски, (60’ Славчо Георгиевски), Сашко Крстев (85’ Бошковски), Ванчо Трајчов, Никола Аврамовски
Тренер: Ѓоре Јовановски
ФИНАЛЕ (20 мај 1999)
СЛОГА ЈУГОМАГНАТ – ВАРДАР 0-2
Градски стадион, Скопје. Стрелци: Трајчов 68’, Шаќири 89’ (ВАР). Главен судија: Љубомир Крстевски (Битола). Помошници: Делчо Јакимовски (Скопје) и Емил Божиновски (Скопје). Делегат: Диме Каров (Кавадарци).
СЛОГА ЈУГОМАГНАТ: Гого Јовчев, Рефик Ариф, Есад Чолаковиќ, Масар Омерагиќ, Сашо Здравевски, Арсим Абази, Зоран Мисердовски, Неџмедин Мемеди, Гаши Фетаи, Хусеин Бегановиќ, Неби Мустафи
Тренер: Ѓоре Јовановски
ВАРДАР: Муарем Зекир, Зоран Јовановски, Влатко Љушев, Игор Стојанов, Сашо Караџов, Тони Ефтимов (61’ Драган Начевски), Ванчо Трајчов 68’, Артим Шаќири 89’, Никола Аврамовски, Фикрет Аломеровиќ, Илчо Ѓорѓиоски
Тренер: Кочо Димитровски
ФИНАЛЕ (24.мај.2007)
ПОБЕДА – ВАРДАР 1-2
Градски стадион, Скопје. Стрелци: Нацев 72’ (П) – Кировски 22’, Вандаир 27’ (В). Главен судија: Александар Ставрев (Скопје). Помошници: Зоран Стефанов (Кавадарци) и Кирил Негриевски (Струга).
ПОБЕДА: Дарко Тофилоски, Димитар Капинковски (46’ Нове Ацески), Благојче Дамевски, Миодраг Јовановиќ, Александар Крстески, Тони Мегленски, Рок Итуа-Ндинга (80’ Стефан Лончар), Марјан Нацев, Саша Марковиќ (75’ Мартин Шишков), Душан Савиќ, Благоја Гешоски
Тренер: Николче Здравески
ВАРДАР: Јорде Георгиевски, Агиналдо Брага, Владимир Секуловски, Ертан Демири, Милан Перендија, Раденко Бојовиќ, Димче Ристевски (60’ Јован Костовски), Остоја Стјепановиќ, Бурхан Емурлаи (70’ Оливер Пеев), Христијан Кировски, (85’ Сашко Ристов), Дос Сантош Вандаир
Тренер: Драган Канатларовски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

