Македонија вечерва го игра мечот на одлука на СП 2023 против Аргентина, дуел што претставува „да се биде или не“ и за двете селекции – победа значи пласман во втората фаза и пресметки со Германија, Србија и Катар, додека пораз преселба во Плоцк на „Президент куп“ и нови четири пресметки со најслабите селекции на овој мундијал.
Во желбата на ракометарите никој не треба да се сомнева, но тие самите мораат да научат како таа желба да ја покажат на терен. Со максимален ангажман, со цврстина во одбраната, со храброст во нападот, но најмногу од се – со тотално единство во националниот тим.
Поразително беше по мечот со Холандија да се слуша како оние поискусните фрлаат со дрва и камења по помладите, кога токму тие како лидери на репрезентацијата не успеваат да ја кренат на едно повисоко ниво. И тие самите не така одамна важеа за млади во оваа репрезентација, но имаа за среќа поискусни да бидат Лазаров, Миркуловски, Димовски… кои знаеја како да им го покажат патот. Сега истите тие треба да бидат лидери на сплотеноста, да го трасираат патот кон успесите кон иднината на овој национален тим.
„Сите за еден, еден за сите“ – не е само мускетарска фраза, тоа е животна лекција со која ситните лични интереси се ставаат во заден план, за големото добро на сите.
И затоа, најмалку важно е дали некој е помлад или постар, дали игра за Вардар, Еурофарм или Алкалоид… затоа што кога се овде, тие се дел од репрезентацијата на Македонија. А националниот интерес од секој можен аспект мора да биде над индивидуалниот и клупскиот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА