Хрватскиот интернационалец Матео Ковачиќ е на излезна врата од „Сантијаго Бернабеу“, а тоа направи немир на Островот. Актуелниот првак Манчестер сити и Челси се сериозно заинтересирани да го доведат фудбалерот од средниот ред на Реал Мадрид во своите редови, но Жозе Мурињо би можел да ги замрси сметките на ривалите откако испрати и официјална понуда за хрватскиот играч за врска.
Ковачиќ го прекинал дури и летниот одмор за да оствари средба со новиот тренер на Реал Мадрид, Хулен Лопетеги, и дел од раководните луѓе на клубот. Им порачал дека сака да си замине, затоа што не сака веќе да седи на клупата за резерви, па решен е да ги промени клупските бои иако има договор со Реал до 2021 година.
Ковачиќ е подготвен дури и за намалување на платата, само да игра многу повеќе во друга фудбалска средина. Гвардиола во него гледа одлично засилување за средниот ред, Сари исто така се интересираше, но прв конкретно реагираше Мурињо. Понуди 60 милиони евра, но тоа е премалку за Реал Мадрид, и за самиот Ковачиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА