Кевин де Бруине неодамна се врати по долгата пауза поради повреда, но белгискиот ас повторно пропушти две средби на Манчестер Сити жалејќи се на нов здравствен проблем. Ова само ги интензивираше шпекулациите околу неговата иднина во редовите на актуелниот европски шампион, ако се знае дека Де Бруине летово ќе влезе во последните 12 месеци од договорот со „граѓаните“, а управата на клубот сериозно размислува да го продаде.
Имено, Белгиецот се наоѓа високо на листата на желби на богатите клубови од Саудиска Арабија, веднаш зад Мохамед Салах од Ливерпул, па челниците на Сити сериозно размислуваат да го продадат, одредувајќи цена од 100 милиони фунти за извонредниот плејмејкер. Во ситуација кога тој подолго време е повреден, а воедно е и најплатен играч на Сити во моментов, „граѓаните“ не се убедени дека продолжување на соработката би била најдобра опција за нив, особено ако се знае дека може добро да заработат од негова продажба во Саудиска Арабија.
Само што има проблем, и тоа голем, откако самиот фудбалер веќе им се доверил на блиски пријатели дека воопшто не сака да се пресели надвор од Европа. Де Бруине ја разгледувал опцијата за Саудиска Арабија, но лошите искуства на дел од европските ѕвезди кои заминаа и предсе промената на животот на нивните семејства, придонеле тој и неговото семејство децидно да одлучат против ваков трансфер за претстојниот преоден рок.
Останува да се види како ќе се одвива ситуацијата, дали Сити ќе се обиде да го притисне Де Бруине да го промени ставот, или можеби ќе го продаде на друг клуб во Европа (иако цената би била значително пониска) за да избегне тој во 2025 да си замине без никаква отштета.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА