Сити тргна шампионски, Челси може да жали за пропуштените шанси

Манчестер Сити триумфално го почна походот по нова титула во Премиер-лигата откако избраниците на Пеп Гвардиола славеа на гостувањето против Челси со 0-2. Родри не можеше да им помогне на соиграчите на овој меч, но „граѓаните“ сепак направија доволно за да стигнат до трите бода со головите на Халанд и на Ковачиќ.

Челси се прикажа во солидно издание, но „сините“ можат да жалат за пропуштените ситуации во противничкиот шеснаесетник и слабиот голгетерски ден што го имаа Нкунку и Џексон. Сити ја искористи првата шанса на мечот, откако Халанд мајсторски се снајде по додавањето на Бернардо Силва и со гол го одбележа својот јубилеен 100. меч во дресот на Сити.

„Граѓаните“ потоа умешно го спуштија темпото на мечот, Челси се отвори и се обиде да стигне до израмнување, но домашниот тим не успеа да најде начин да го совлада Едерсон. Мареска направи бројни замени уфрлајќи играчи кои летово пристигнаа на „Стемфорд бриџ“ (Веига, Нето, Џиу, Дусбери-Хол), но Сити беше тимот што го постигна и вториот гол на мечот, кога Ковачиќ со прецизен удар од дваесетина метри го матираше несигурниот Санчезо.

Се вчитува...