Скандал: „Местенки“ во Белгија, претреси и во Македонија

Голем скандал ја потресе фудбалска Белгија откако полицијата покрена акција под име „Чисти раце“, за местење на резултати, корупција и перење пари. Како што јавуваат белгиските медиуми, покрај лицата што беа уапсени денеска, извршени се детални претреси на куќи и станови и во странство, и тоа и во Македонија, како и во Франција, Србија, Луксембург, Кипар и Црна Гора.

Меѓу главните осомничени е фудбалскиот менаџер Дејан Вељковиќ, кој има учествуваше во трансферите на неколку македонски интернационалци кои настапуваа во белгиското првенство. Покрај него уапсени се и неколку фудбалски судии, како и актуелниот тренер на Бриж, Иван Леко, кој претходно и како играч блиско соработувал со Вељковиќ. Еден од клучните ликови кон кој е насочена истрагата е и Моги Бајат, ирански бизнисмен со француско државјанство, кој од 2003 до 2010 година беше директор на Шарлроа.

Како што јавуваат белгиските медиуми, полицијата извршила претрес во повеќе од половина прволигашки клубови. Покрај Бриж, потврдено е дека се води истрага и во Андерлехт, Стандард, Гент, Генк, Кортријк, Локерен, Остенде, како и во второлигашот Мехелен.

Белгиската полиција кон крајот на 2017 година почнала со истрага поради сомнителни трансакции на клубови од првата лига, поради основан сомнеж за затајување на данок и перење на пари. Истрагата најпрвин била насочена на агенти на фудбалерите, по што истата била проширена на бројни клубови и играчи.

Останува да се види дали во следниот период ќе бидат објавени и имињата на лицата од Македонија во чии станови бил извршен претрес, како и дали ќе бидат покренати обвиненија против истите.

Се вчитува...