СКАНДАЛ: Тренер по џудо од Прилеп обвинет за обљуба на три девојчиња, Џудо федерацијата информира дека минатата година му е одземена лиценцата

Тренер по џудо од Прилеп доби притвор од 30 дена по обвинение од Основното јавно обвинителство од Прилеп за неколку кривични дела „обљуба со злоупотреба на положбата“.

Според информациите од Обвинителството, во истрагата е откриено дека 46-годишното лице искористувајќи ја својата положба како тренер во континуитет имал сексуално-насилно однесување кон три девојчиња на возраст од 14 години. Случајот е пријавен од страна на родители на едно од девојчињата, по што е откриено дека има уште две девојчиња. Никое од нив не е силувано, но откриено се други полови дејствија, допири, бакнувања и блудничење пред девојчињата од страна на обвинетиот тренер.

Според Кривичниот законик му се заканува казна затвор од најмалку десет години.

Веднаш по објавувањето на случајот, се огласи и раководството на Џудо федерацијата која се огради од својот тренер, истакнувајќи дека уште минатата година на истиот тренер од Прилеп, поради дисциплински прекршок, му е одземена тренерската лиценца и исфрлен е од Џудо федерацијата на С. Македонија.

„Во однос на последните информации за приведување на еден поранешен тренер по џудо, Македонската Џудо федерација би сакала да го даде следното појаснување. Во врска со последните случувања поврзани со обвинувањата за злоставување малолетнички од тренер по џудо, згрозени сме од информациите во јавноста и очекуваме брзо разрешување на случајот. Веруваме дека истрагата целосно ќе го расветли случајот за што како Федерација сме целосно на располагање на истражните органи. Посочениот тренер одамна не е член на федерацијата и уште минатата година беше дел од дисциплинска постапка поради злоупотреба на официјален документ испратен од Светската Џудо Федерација како и поради прекршување и непочитување на Статутот и други мерки и протоколи. Поради оваа дисциплинска постапка, одземена му е лиценцата за тренер по џудо и исфрлен е од Џудо федерацијата на Македонија, за што официјално беа известени сите надлежни институции вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт“ – се вели во соопштението од Џудо федерацијата на С. Македонија.

Се вчитува...