СКАНДАЛ: Вардар во Конференциската лига играл против тим кој во своите редови имал нелегално регистриран играч!

Фудбалерите на Вардар после долго време годинава играа во Европа, во Лигата на конференции, и стигнаа до 2. квалификациско коло, каде беа елиминирани од Лозана од Швајцарија.

Во првото коло ја минаа екипата на Ла Фиорита од Сан Марино. Токму оваа екипа од малата држава во Европа ја тресе огромен скандал. Ла Фиорита е казнета со одземање на пет бодови поради тоа што нелегално регистрирале играч, кој играл на двата натпревари против скопските „црвено-црни“.

Станува збор за играчот Даниел Чикарели кој токму пред почетокот на сезоната се приклучи на Ла Фиорита од таборот на Мурата. Претседателот на Мурата признал дека лично исплаќал непријавени плати и примил 2000 евра од Ла Фиорита за регистрација на играчот.

Чикарели играше и на двата натпревари, а поради него Ла Фиорита е казнета со -5 бодови и 1600 евра за нерегуларна регистрација на овој фудбалер, но и на уште еден, кој не играл на мечот со „црвено-црните“.

Тимот од Сан Марино поднел жалба на оваа одлука, но истата била одбиена, па така казната од одземените бодови и натаму е на сила. Исто така поради ова бил суспендиран претседателот на клубот Алесандро Чианчујарусо на седум месеци забрана за вршење дејност спорт. Чикарели, пак, бил суспендиран на три години.

За цела среќа, Вардар успеа да го мине тимот на Ла Фиорита, инаку доколку не успееше, прашање какво ќе беше решението на УЕФА во врска со овој скандал. После Ла Фиорита, Вардар налета на Лозана, и беше елиминиран од Лигата на Конференции.

Се вчитува...