Скандал во Токио: Повторно упатени навреди кон жените, уште еден директор си поднесе оставка

Креативниот директор на Олимписките игри во Токио, Хироши Сасаки, поднесе оставка по критиките што следеа по еден коментар што тој го даде во јавноста. Сасаки во еден разговор упати несоодветни зборови кон популарната јапонска јавна личност Наоми Ватанабе, а по големиот медиумски притисок, тој одлучи да си поднесе оставка и да ја напушти својата позиција.

Ова е уште една во низата контроверзии што ги дадоа претставниците на Олимписките игри во врска со жените. За потсетување во февруари, претседателот на Организациониот комитет на Олимписките игри, Јоширо Мори, поднесе оставка поради неговите несоодветни зборови.

Имено, Сасаки ја опишал Ватанабе како „Олимпиг“, што е комбинација од англиските зборови „олимп“ – олимпијада и „пиг“ – свиња.

„Тоа беше многу несоодветен израз“, рече Хироши Сасаки.

Наоми Ватанабе (33) е комичарка, актерка и моден дизајнер, а во Јапонија се прослави со комични имитации на американската пејачка Бијонсе, па затоа беше наречена „Јапонската Бијонсе“. Коментирајќи ги зборовите на Сасаки, таа истакна дека е „изненадена“.

Олимписките игри ќе се одржат од 23 јули до 8 август, а Параолимписките игри започнуваат на 24 август и ќе траат до 5 септември.

 

 

Се вчитува...