Скандалозен предвремен крај на натпреварот во Охрид меѓу Воска Спорт и Вардар во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига!
Домашните фудбалери, по интервенција на стручниот штаб на тимот и тренерот Клодијан Арбери, во 75. минута од натпреварот се одлучија да го напуштат теренот револтирани од судиските одлуки. И покрај чекањето на гостинските фудбалери, по десет минути по повлекувањето на домашните, беше означен и дефинитивен предвремен крај на мечот.
Повлекувањето од теренот на Воска Спорт следеше откако Вардар во 71. минута успеа да го израмни резултатот на 1-1. По шутот од 12 метри на Дурански, топката од гредата се одби зад грбот на домашниот голман. Домашните сметаа дека топката не ја минала гол-линијата, но главниот судија, се чини, оправдано го призна голот.
И покрај револтот, охриѓани продолжија со играта, но по три минути неочекувано се одлучија дефинтивно да го напуштат теренот по интервенција на тренерот Клодијан Арбери.
Фудбалерите на Вардар останаа на терен, но откако и службените лица по десет минути се повлекоа во соблекувалните, дефинитивно беше означен предвремен крај на мечот со прекин во 75. минута, при резултат 1-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА