Шведска е вториот финалист на ЕП 2018 откако ракометарите на оваа селекција го добија скандинавското дерби со Данска со минимални 35-34. Победникот беше решен дури по дополнителни десет минути игра, откако Данците се вратија од „мртвите“ во регуларниот дел, но немаа сили за чудо во продолженијата, па Швеѓаните предводени од извонредниот Паличка стигнаа до пласман во големото финале.
Натпреварот беше израмнет се до осмата минута (4-4), по што Швеѓаните набрзина влегоа во ритам и успеаја да се одлепат на три гола разлика (8-5). Клучната разлика беше во голманите, Ландин прими десет гола од првите единаесет шутеви кон голот на Данска, па селекторот Јакобсен беше принуден да го замени со Грин откако Арнесон погоди за водство на Шведска од 10-7. На спротивната страна одличен беше Паличка, кој овозможи и Водство на Шведска од огромни 15-10, пред Данците предводени од Хансен во самиот финиш од полувремето да намалат на 16-14.
Стартот на второто полувреме повторно го одбележа извонредниот Паличка, чии интервенции помогнаа Шведска повторно да стигне до „плус пет“ (20-15). Данците го вратија Ландин на својот гол, ја зголемија и самодовербата во играта во одбрана, па во последните десет минути се влезе со само еден гол предност за Швеѓаните (23-22). „Сино-жолтите“ останаа со ладни глави и со предност од 28-25 влегоа во последните две минути и кога сите мислеа дека работата е завршена, Данците на фантастичен начин се вратија и со погодокот на Ласе Сван буквално во последната секунда го одведоа мечот во продолженија.
Шведска водеше со минимални 31-30 по првите пет минути, а Данците во клучните моменти тргнаа храбро, со „седум на шест“ во нападот. Една продадена топка донесе лесно водство на Шведска од 33-31, резултат при кој Швеѓаните промашија и зицер во 68. минута. Во последната минута се влезе соминимална предност на Шведска од 34-33, но Арнесон погоди во клучен момент со скок шут од десет метри, за триумф на Шведска од 35-34 и пласман на оваа репрезентација во големото финале.
Паличка го заврши мечот со фантастични 20 одбрани, во нападот Закирсон постигна осум, а Екберг и Готфридсон по седум погодоци за Шведска, додека на Данците не им помогна ниту одличното издание на бековите Хансен (12 гола) и Лауге (11 погодоци).
Борбите за медал ќе се водат в недела, најпрвин во 18 часот ќе се сретнат Франција и Данска во битка за бронзата, за потоа во големото финале во 20.30 часот силите да ги одмерат Шведска и Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА