Данска е вториот финалист на СП 2021 во Египет, откако актуелниот светски првак по голема битка ја совлада Шпанија со 35-33. Данските ракометари имаа водство во текот на целиот натпревар, но Шпанците се вратија во мечот, имаа и напад за израмнување, но среќата им го сврте грбот, а гредата од голот на Ландин им помогна на светските шампиони да се пласираат во големото финале, каде ќе ги очекува скандинавскиот ривал Шведска.
Данска тргна фуриозно во нападот, Јакобсен ги изненади Шпанците со „седум на шест“ од првата минута, па налетите предводени од Хансен вродија со плод и бранителот на трофејот го контролираше резултатот од самиот почеток. Разликата во првите петнаесетина минути се движеше меѓу еден и два гола, за Данците дополнително да притиснат и да поведат со 11-7. Нападот беше посилен дел од играта на двете селекции, а пријатно изненадување во таборот на „црвената фурија“ беше Дани Душебајев, кој придонесе Шпанија да се приближи и на одмор да замине со два гола негатива (18-16).
Двајцата селектори не беа задоволни од голманите, па најпрвин ги сменија Ландин и Перез де Варгас во првото полувреме, но откако Мелер и Коралес не се прославија, првите голмани се вратија на терен за завршните 20 минути. Шпанија за момент заигра нешто поцврсто во одбраната, внесувајќи уште поголема неизвесност во завршницата. Клучен момент беше одбраната на Ландин при контранападот на „црвената фурија“ при резултат 30-29, по што Данците постигнаа три гола во низа и дојдоа до убедливи 33-29 на седум минути до крајот.
Шпанија дојде до 33-31 и имаше напад на четири минути до крајот, но Ландин блесна со уште еден одбранет зицер. Микел Хансен го продолжи своето гол-шоу со нов погодок во мрежата на „фуријата“, но Шпанија не се предаде и со седмиот гол на Дани Душебајев намали на 34-33 на две минути до крајот на овој драматичен дуел. Перез де Варгас беше херој во овие моменти со две одбрани кога Данска напаѓаше со седум на шест, но среќата им го сврте грбот на Шпанците бидејќи при последниот напад топката по ударот на Марчан заврши во дирекот и удри пред самата гол-линија, на огромна радост на данските ракометари за конечни 35-33 со голот на Сван со самиот звук на сирената.
Микел Хансен со 12 гола беше најефикасен во данскиот состав, седум погодоци постигна Саугструп, додека кај Шпанија најдобар стрелец беше Дани Душебајев со седум, пред Фигерс со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА