Македонската репрезентација загуби на гостувањето против Исланд со резултат 30-29, втор пораз на нашиот национален тим во квалификациите за ЕП 2018. Раул Гонзалес го претрпе првиот пораз како селектор на „црвено-жолтите“, откако нашите репрезентативци одиграа беспрекорно прво полувреме, за потоа во вториот дел да дојде до значаен пад во играта во нападот, што беше искористено од страна на домаќините. Борко Ристовски беше одличен на голот на Македонија, но за жал тоа не беше доволно за да се стигне до позитивен резултат на шестото гостување што националниот тим го имаше во Рејкјавик.
Охрабрени од првиот меч во Скопје, македонските ракометари одлично го почнаа натпреварот. Борко Ристовски на самиот старт му одбрани пенал на Сигурдсон, додека нападот функционираше беспрекорно. Со исклучок на Талески, сите останати оружја на Раул Гонзалес проработеа, Лазаров погодуваше без проблеми, Миркуловски беше одличен, Стоилов им созаде многу проблеми на линијата, а во однос на првиот меч се разбуди и Манасков, кој постигна четири гола во првото полувреме.
Ова придонесе во раната фаза од мечот да водиме со 2-4 и 3-5, а на половина од првото полувреме преку Стоилов стигнавме и до најубедливи три гола разлика (6-9). Нешто подоцна Македонија водеше и со 7-10, но потоа накратко се соочивме со проблеми во нападот, а домаќините го искористија тоа и експресно израмнија на 10-10. Исланѓаните поведоа со 14-12, но покажавме карактер и се вративме уште пред крајот на полувремето, па на одмор се замина со израмнети 16-16.
Во изедначена игра на двете страни се продолжи и на стартот од второто полувреме, Густавсон на едната страна ги бранеше обидите на Талески, но Македонија го имаше одличниот Борко Ристовски, кој одбрани неколку зицери и не им дозволи на домашните ракометари да создадат посериозна предност. Манасков беше одличен на оваа средба, но одбраната се соочуваше со многу проблеми да ги неутрализира домашните бекови, кои од седум-осум метри премногу лесно доаѓаа до ситуација за чисти шутеви.
Судиите во две идентични акции не санкционираа пробивања врз Манасков, по што десното крило Халгримсон лесно реализираше, а Исланд поведе со два гола разлика (23-21). Следеше исклучување на Манасков, а потоа и наивни грешки во нашиот напад, по што Исланд постигна два гола во празна мрежа и за првпат поведе со три гола разлика (25-22). Грешките зачестија, а по водството на Исланд од 26-22 домаќините имаа и зицер за „плус пет“, но Ристовски одлично одбрани, пред Миркуловски да намали на 26-23.
Исклучен во 52. минута беше Стоилов, а по грешката на капитенот Лазаров домашниот голман Густавсон го постигна својот втор гол на натпреварот во празната мрежа на Македонија. При следниот напад на домаќините две минути доби и Миркуловски, но Ристовски имаше одлична интервенција при 26-22, кога имавме двајца играчи помалку во поле. Во вистински момент блесна Филип Лазаров, кој со два гола ја врати нашата селекција во игра, принудувајќи го Свеирсон на тајмаут при резултат 26-24, на нешто повеќе од пет минути до крајот.
Гунарсон од пенал ја прекина мини-серијата на Македонија, но од иста позиција возврати Кире Лазаров, но потоа кога беше најпотребно за Исланд погоди Арон Палмарсон, кој со својот трет погодок ја осигура победата на домашната селекција. Гоце Георгиевски постигна значаен гол за да не дозволи поубедлив пораз, на дваесет секунди до крајот прецизен беше и Кире Лазаров, но тоа беше доволно само за минимален пораз од 30-29 бидејќи домаќините рутински си ги одработеа последните моменти од овој интересен меч.
Како утеха конечната разлика беше пониска од оние плус пет во Скопје, што би можело да биде од големо значење доколку ја завршиме групата со идентичен број на бодови.
Кире Лазаров со осум гола беше најефикасен во нашиот национален тим, пред Манасков со шест и Миркуловскси и Стоилов со по пет гола, додека Борко Ристовски беше одличен на голот со 15 успешни интервенции.
По четири одиграни кола сите четири селекции од нашата група имаат идентичен скор од две победи и два порази. Македонија во петтото коло гостува во Украина, а во решавачката шеста рунда нашата национална селекција ќе ја пречека Чешка.
фото: mbl.is
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА