Потписот на Лени Јоро беше гласно прославен во Манчестер Јунајтед, младиот дефанзивец имаше и добро деби на пријателскиот меч со Арсенал, но веднаш се појавија и првите проблеми – по повредата што екс-фудбалерот на Лил ја заработи на овој натпревар.
Јоро мораше да го напушти предвреме теренот, а деталните прегледи покажа дека станува збор за проблем со стапалото што не е нималку наивен. Французинот денеска беше забележан како се движи со помош на штаки и веќе е повеќе од јасно дека нема да настапува за Јунајтед до почетокот на новата сезона, а Тен Хаг со право е загрижен кога ќе го има скапото засилување на располагање.
Едно е јасно, Јоро ќе го пропушти отворањето на сезоната и премиерниот меч на домашен терен против Фулам закажан за 16 август. Желба на „црвените ѓаволи“ е тој да биде подготвен барем за третото коло и големото дерби со Ливерпул закажано за 1 септември, но се ќе зависи од интензитетот на рехабилитацијата. Првите прогнози се дека Јоро би можел да паузира и до шест седмици, што сигурно би бил голем удар за Јунајтед на стартот од новата сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА