Евробаскетот 2022 продолжува денеска со натпреварот помеѓу Шпанија и Финска од 17 часот и 15 минути. Шпанците се далеку поискусниот тим за вакви средби и како фаворити влегуваат во мечот, но Финска на континенталниот собир докажа дека не е за потценување, а тоа најдобро го знае Хрватска.
Говорејќи за престојниот противник селекторот на „црвената фурија“, Серхио Скариоло имаше интересна изјава, велејќи дека досега се нема подготвено за противник кој може 23 секунди да трча како „мува без глава“, а потоа да реализира обид за три поени.
„Начинот на кој тие играат ги прави многу тежок противник за подготовка на еден натпревар. Многу е тешко да го подготвите тактичкиот дел против тим кој игра на атипичен начин со пет ефективни „шутери“, меѓу кои и светска ѕвезда. Тука сум од 2009 година и за мене ова ќе биде најтежок натпревар досега. Мораме да имаме максимален почит кон противникот и мора да дадеме се од себе. Тоа е противник кој доколку му дозволиш да игра ќе те излуди. Трчаат како „мува без глава“ 23 секунди, а потоа ти даваат тројка“, вели Сакриоло.
По натпреварот помеѓу Шпанија и Финска денеска ќе биде одиграна и средбата помеѓу Германија и Грција, додека вторите полуфиналисти ќе бидат познати по утрешните натпревари на Франција и Италија, односно Словенија и Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

