Македонската футсал репрезентација денеска од 20 часот во Катанија против Италија го игра третиот натпревар од Групата 10 во квалификациите за Светското првенство 2024.
Репрезентативците, како што вели селекторот Васко Скендеровски, се подготвени за предизвикот против една од најдобрите европски селекции иако е јасно дека ги чека повеќе од тешка задача против поранешниот европски шампион.
„Не очекува еден исклучително тежок натпревар против репрезентацијата на Италија, поранешен европски првак и светски вицешампион. Притисокот кој го имаме после изненадувачкото реми во Скопје, не прави да бидеме максимално сконцентрирани и посветени на овој натпревар иако знаеме дека се се решава во недела во Скопје против селекцијата на Шведска. Свесни сме ќе биде многу тешко двапати по ред да извлечеме поволен резултат против Италија, имајќи го предвид фактот дека за овој натпревар ги немаме Даниел Де Соуза кој отсуствува поради полесна повреда на зглобот и не сакав да ризикувам за овој натпревар, како и искусниот Таулант Исмаили кој побара да биде ослободен од овој натпревар поради приватни причини, а доби зелено светло од моја страна со оглед на фактот дека секогаш бил на располагање на репрезентцијата и го давал максимумот“ – вели селекторот Скендеровски пред денешниот дуел со Италијанците.
Се очекува салата да биде исполнета до последно место со оглед на големиот интерес кој владее во Катанија за овој натпревар.
По првите два натпревари во квалификациите Македонија има едно реми и еден пораз во Групата 10 во која покрај Македонија и Италија е уште и селекцијата на Шведска. Избраниците на Скендеровски ремизираа (3-3) во Скопје со Италија а загубија на гостински терен со 5-2 од Шведска.
Последниот квалификациски дуел за избраниците на Скендеровски е на 5. март против Шведска во Скопје. По два натпревари, на чело на табелата во Групата 10 со 4 бода е Италија, Шведска е втора со 3 бода, а Македонија на третото место со еден бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА