Доволни беа два добри натпревари на Маркус Рашфорд против Челси и Андерлехт за повторно да се јават англиските аналитичари со бројни комплименти на адреса на младиот голгетер на Манчестер јунајтед. Најдалеку од сите отиде Пол Сколс, кој го спореди Англичанецот со Бразилецот Нејмар.
„Маркус има само 19 години, а сите гледаме што може да прави на терените. Не се сомневам дека ќе биде голгетер од највисока класа, но малку сум загрижен за него бидејќи игра за Манчестер, овој клуб секогаш ќе купува врвни голгетери, па затоа најверојатно ќе го преселат на крилната позиција поради неговата брзина и одличниот дриблинг. Сепак, кога можеше Нејмар да се снајде во таква променета улога, верувам дека ќе може и Рашфорд. Секако дека нема да му биде лесно, но верувам дека Маркус Рашфорд може да стане фудбалска суперѕвезда“ – истакна Сколс.
Во ситуација кога Ибрахимовиќ е повреден, а Мурињо воопшто не смета на Руни, јасно е дека Рашфорд ќе ја има улогата на централен напаѓач на преостанатите натпревари до крајот на оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА