Македонија викендов е домаќин на Балканското првенство во борење за младински категории, кое се одржува во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
На свеченото отворање на шампионатот, Министерот за спорт, Борко Ристовски ја истакна важноста од поддршка на младите спортисти и негување на спортскиот дух, тимската работа и дисциплината кај помладите генерации.
„Ова првенство не е само натпревар, туку прослава на вредностите кои борењето ги всадува кај младите – упорност, дисциплина и почит. Горд сум што Македонија е домаќин на еден ваков важен настан, кој ги обединува народите од регионот во духот на спортот“ – изјави министерот Ристовски.
Министерот исто така им се заблагодари на организаторите, тренерите и на волонтерите за нивните напори во организирањето на настанот, а на сите учесници им посака успешен настап во борбите за балканските титули.
„Овие натпреварувања не се само за освојување медали туку и за градење пријателства, учење и растење како спортисти. Ги охрабрувам сите млади борачи да го дадат својот максимум и да уживаат во искуството“ – истакна министерот Ристовски.
На Балканското првенство се вклучени натпревари по категории во три возрасни групи – пионери (У15), кадети (У17) и јуниори (У20), давајќи им шанса на младите борачи да блеснат на меѓународната сцена. На првенството настапуваат 515 борачи од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија и Романија.
По првиот натпреварувачки ден Македонија веќе е со осум освоени медали. Во натпреварите во категоријата до 17 години, со најсјајно одликување – златниот медал се закити Фросина Атанасова
ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛ ЗА МАКЕДОНИЈА – У-17
40 кг Фросина Атанасова – златен
40 кг Марија Вељановска – сребрен
61 кг Мелани Митевска – бронза
73 кг Нина Славевска – сребрен
45 кг Емир Речица – сребрен
65 кг Трим Исмаили – сребрен
65 кг Мохамед Вајсели – бронза
92 кг Омер Мемеди – сребрен
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА