Скопје викендов ќе биде град-домаќин на деветтиот регионален собир на навивачите на европскиот првак Ливерпул од регионот. Фановите од овој дел од Европа, во најголем дел од поранешна Југославија, традиционално организираат заеднички дружби во текот на сезоната, а овојпат собирот ќе се случи во Скопје, кулминирајќи со заедничко гледање на неделниот натпревар меѓу Ливерпул и Тотенхем. Овој деветти регионален собир ќе се одржува во BackYard Lounge Bar & Kids Area (поранешно Мондано – зад гимназијата Јосип Броз Тито).
Покрај дружбата и заедничкото гледање на неделниот натпревар со Тотенхем (почеток 17.30 часот) предвиден е забавен турнир во мал фудбал (почнува во 11 часот), потоа загревање со „Irie Scratch“, а по дуелот и со „Beta house“. Собирот ќе има и хуманитарна нишка, а средствата собрани од лотаријата ќе одат за поддршка на лекувањето на Јана Арсовска. Јана боледува од редок вид на карцином, во рамките на чие лекување има извршено две трансплантации на коскена срж.
Химната на навивачите на Ливерпул – „YOU’LL NEVER WALK ALONE“ ќе се слуша и в сабота навечер (26.октомври) за кога е предвидено и официјалното добредојде за гостите.
Досегашните собири се имаат одржано: Сараево 2013 – Зрењенин 2013 – Скопје 2014 – Котор 2015 – Љубљана 2015 – Загреб 2016 – Сараево 2017 – Белград 2018.
Собирот го организираат Macedonian Reds.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА