Агенцијата за млади и спорт во соработка со Кајакарската федерација на Македонија, денес организираше прес конференција по повод стартот на Европското првенство во кајак на дива вода, кое од утре, па се до 5-ти ќе се одржи на Матка. Техничкиот директор на првенството, Љубомир Спасиќ, истакна дека ова ќе биде најбројното ЕП во оваа категорија одржано досега со учество на натпреварувачи од рекордни 16 земји, меѓу кои и Македонија.
„На првенството ќе земат учество 250 кајакари од 16 земји, што го прави натпреварувањето најмасовно до сега. Натпреварите започнуваат утре со почеток од девет часо со старт на Матка и финиш во с.Шишево во категорија класик и патека долга 3,5 километри, а во петок ќе се возат квалификациони трки во спуст. Свеченото отворање е вечерва на плоштадот Филип II со почеток од 20 часот“ – истакна Спасиќ.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, смета дека овој настан ќе помогне за уште подобра промоција на убавините на Македонија.
„Кајакарската федерација на Македонија е федерација која во годишната програма на активности има навистина голем број на содржини од домашен и меѓународен карактер, кои од година во година се се посодржински и освен промоција на кајакот како спорт претставуваат и промоција на убавините на нашата држава. Тука пред се мислам на Кањонот Матка, местото на одржување на претстојното Европско првенство во кајак спуст на дива вода во јуниорска и сениорска конкуренција, кое од 02-05 ќе се одржи на Матка“ – рече Каевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА