Скопје подготвува комплетно нов тим – досега шест засилувања, се очекуваат уште две

Откако тренерот Љупчо Марковски-Калц се врати во Скопје, во кој повеќе години седеше  на  неговата клупа, се чуствува голема раздвиженост меѓу раководството и навивачите на овој клуб, познатите „Пирати“. На тренинзите присуствуваат повеќе од 25 фудбалери, се врши селекција на играчи со кои Скопје ќе потпише договори за новата сезона, овојпат во Втората лига која започнува на 12. август.

Скопје веќе одигра и две контролни средби. На првата го победи новиот второлигаш Башкими со 4-1, со по два гола на Марјан Кировски и Антонио Божиновски, а на втората загуби од прволигашот Гостивар со 4-2. Головите на овој меч ги постигнаа Азар Омерагиќ и  Дени Мргим.

Според зборовите на Марковски, до почетокот на првенството се предвидени уште две до три пријателски средби. Едната ќе биде со Башкими во Куманово, се бараат противници за другите две. Се уште не е извлечена ждрепката за новото првенство и тоа создава проблеми околу договори за пријателски средби со второлигашките екипи, бидејќи не се знае кој со кого ќе игра во првите кола. А никој не сака да ги „отвори картите“.

„Некои играчи што играа во Првата лига, со доаѓањето на тренерот Марковски останаа во клубот, деновиве вршиме регистрација на повеќе нови фудбалери. Меѓу првите потпиша искусниот Марјан Кировски кој дојде од Тетекс и кој ќе биде големо засилување за нападот. Подготвени се договорите и за голманот на Борец, Александар Игески, Иво Јанакиевски /Работнички/, Богдан Велинов /Детонит/, Албан Мифтари /Беса/, се врати Христијан Димов, кој имаше недоразбирање со поранешниот тренер. До крајот на преодниот рок треба да потпишеме договори со двајца фудбалери од Шкупи, од младинскиот погон, размислуваме за уште еден до двајца искусни фудбалери кои имаат желба да играа во Автокоманда.  Скопје во Втората лига ќе стартува со доста изменет , но квалитетен тим, наша цел е враќањето во прволигашкото друштво, свесни сме дека конкуренцијата ќе биде силна, но цела Автокоманда живее за овој клиб, имаме и голема подршка од челните луѓе на Општината Гази Баба  и верувам дека ќе успееме“, ни изјави секретарот на клубот, Иван Матевски.

  М.Мицковиќ

Се вчитува...