Скопје со шест засилувања ја комплетира екипата за пролетната сезона

За фудбалерите на Скопје заврши зимскиот преоден рок. Во вториот дел од првенството на единствената Втора лига на Македонија ќе стартуваат со шет нови играчи и сигурни се дека нема да ги повторат слабите игри и резултати како на стартот на есенската сезона.

За Скопје во зимскиот предеон рок потпишаа: Владимир Жоглев (Вардар), Димитри Кочовски (Победа), Ерјан Шуку (Арсими), Иван Пашариковски (Осогово), Кристијан Ристовски (Гостивар) и младиот голман  Гоце Јовчев, инаку син на поранешниот голман на Вардар Гого Јовчев.

Клубот го напуштија само двајца фудбалери: Борјан Поповски кој замина во Беласица и Дарио Јовановски во Башкими. На крајот на есенската сезона во конкуренција на 16 клуба, Скопје е на осмото место на табелата со 21  бод, со шест победи, шест порази и три нерешени средби.

„На почетокот на есенската сезона не бевме комплетни, некои фудбалери кои играа во Првата лига си заминаа од клубот, имавме многу осцилации во играта, освен тоа и играчите кои останаа, беа депримирани по неуспехот во баражот за опстанок во прволигашкото друштво.  Сето тоа придонесе да загубиме некои планирани бодови“ – вели шефот на стручниот штаб Љупчо Марковски, популарниот Калц, притоа дополнувајќи:

„Потоа во финишот ја подобривме играта, се си дојде на своето  место и сега, кога ја засиливме екипата со неколку квалитетни играчи, верувам дека пролетва ќе обезбедиме многу повисок пласман на табелата. Има уште многу да се игра, па дури и баражот за Скопје не е недостижен. Мојот оптимизам се базира и на многу поповолен пролетен распоред, особено во првите пет кола во кои три средби играме  во Скопје со Саса, Кожуф и Вардар Неготино, а им гостуваме  на Детонит и Караорман“.

Досега Скопје одигра само две контролни средби. Загуби од Шкендија со 6-0, но на тој меч  не беше комплетен  и настапи само по неколку тренинзи, а потоа го победи ГФК Куманово, есенскиот првак на Третата лига Север со 2-0 со головите на Жоглев и Кочовски. До пролетниот старт  Скопје ќе игра уште со Влазрими во Кичево и со косовскиот прволигаш Феризаит.

Спортскиот директор Иван Матевски и претседателот Игор Тодоровски се постојано присутни во клубот, засега според нивните зборови со помошта на Општината Гази Баба, на чело со градоначалникот Бобан Стевковски, Скопје нема финансиски проблеми, што е добар показател за успешна пролетна сезона.

М.Мицковиќ

Се вчитува...