Скопје во најдобро светло за Суперкупот на Европа

Градот Скопје е целосно подготвен за УЕФА Суперкупот 2017 кој ќе се одржи на 8 август во Скопје на националната арена „Филип Втори“. На годинашниот Суперкуп силите ќе ги одмерат двата најголеми фудбалски клубови во светот, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Деталите за подготовките за овој голем спортски настан ги соопштија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, портпаролот на фудбалската федерација на Македонија, Златко Андоновски и маркетинг директор на Идеа Лаб, Димитар Атанасовски.

„Голема чест и задоволство е што Скопје е домаќин на УЕФА Суперкупот 2017 на кои ќе играат победникот од УЕФА Лигата на Шампионите, тимот на Реал Мадрид и победникот на УЕФА Лигата на Европа, тимот на Манчестер Јунајтед. Градот Скопје активно се вклучи во организацијата за одржувањето на овој настан и заедно со ФФМ работевме на исполнување на сите барања и стандарди поставени од УЕФА. Изминатиов период Градот Скопје преку своите јавни претпријатија активно работеше на исполнување на овие барања и стандарди, на подобрување на изгледот и хигиената во Скопје. Покрај овие активности, Градот Скопје изработи промотивно видео на англиски јазик чија цел ќе биде информирање на туристите и промовирање на убавините на Скопје. Воедно, ова е видео коешто ја покажува гостопримливоста на градот во пресрет на овој голем спортски настан, а изработени се и информативни брошури за Скопје на повеќе јазици“ – рече градоначалникот Трајановски.

Активно во подоготовките на УЕФА Суперкупот 2017 се вклучи и ФФМ, а нивните активности ги соопшти портпаролот Златко Андоновски.

„ФФМ ќе ја координира „Трофеј турата“ и во повеќе места во Македонија ќе бидат претставени највредните пехари на УЕФА, на Лигата на шампионите, Лигата на Европа и секако на Суперкупот. Турнејата ќе почне на 1 август и во наредните неколку денови пехарите ќе бидат изложени во 9 градови во Македонија, односно до 8 август истите ќе бидат изложени во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Штип, Куманово и Скопје. Покрај ова, ФФМ ќе организира и голем број натпревари за најмладите фанови, кои ќе се одржуваат на мини терени што ќе бидат поставени во градовите каде што ќе бидат изложени пехарите. ФФМ со добиената доверба од ФФМ за организација на Суперкупот 2017 станува еден од најголемите амбасадори на нашава земја, промотор на фер-играта, на социјалното и општествено вклучување, промотор на здравје и едукација во нашето општество“ – истакна Андоновски.

pres super kup 2

Околу техничката организација на УЕФА Суперкупот 2017 и многубројните содржини кои ќе бидат достапни за сите посетители во Скопје, деталите ги соопшти Димитар Атанасовски од Идеа Лаб.

„Градот Скопје изработи видео на англиски јазик чија цел ќе биде информирање на туристите и промовирање на убавините на Скопје. Овој спот е одобрен од УЕФА и истиот ќе биде дистрибуиран до сите канали и портали на УЕФА, како и до каналите на комуникација на Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед и нивните навивачки групи кои потоа ќе ги дистрибуираат. Дополнително, во организација на Град Скопје е целосното брендирање на градот, а деновиве и скопското Кале ќе светне во сината боја на Суперкупот. Во организација на Град Скопје е и организирањето на т.н. „неутрална фан зона“, како и точките на поаѓање на навивачите кон стадионот „Филип Втори“. Неутралната фан зона е лоцирана на Плоштадот Македонија и на истата ќе се организираат голем број активности за посетителите од сите возрасти. Ќе има голема сцена каде што ќе се организира музичка забава од 11 до 19 часот на 7 и 8 август, тука ќе бидат поставени оригиналните трофеи во рамки на „Трофеј турата“, ќе има ѕид на финалисти каде што сите навивачи ќе можат да се фотографираат, ќе бидат поставени штандови на партнерите на Суперкупот… Во оваа фан зона ќе биде поставен и мал фудбалски терен, на кој ќе се одиграат финалните натпревари од турнирот кој ќе се игра низ цела Македонија, во рамките на „Трофеј турата“ – посочи Атанасовски.

Се вчитува...