Скопската пресметка за Алкалоид

Ракометарите на Алкалоид славеа над Пролет со резултат 27-21, во скопската пресметка во рамките од третото коло од плејофот во македонскиот шампионат. Мечот беше одигран во одлична атмосфера во салата Автокоманда во Скопје, каде избраниците на Кире Лазаров успеаја да го скршат отпорот на гостинскиот состав и да стигнат до заслужена победа, прва за РК Алкалоид во плејофот сезонава.

Алкалоид тргна моќно од самиот почеток, три гола постигна Младеновиќ, а домаќините лесно се одлепија до 3-0 и 4-1. Во првото полувреме резултатот се движеше меѓу три и четири гола, за на одмор да се замине со водство од 12-9 на домашниот состав. Во второто полувреме ракометарите на Лазаров продолжија да доминираат на теренот, наметнаа темпо што младиот состав на Пролет не можеше да го следи и на крајот заслужено се радуваа со 27-21.

Младеновиќ и Серафимов постигнаа по пет, а Митев четири гола за Алкалоид, додека најефикасни кај Пролет беа Димковски и Андоновски со по четири погодоци.

Се вчитува...