Македонскиот првак Шкендија неочекувано лошо помина на гостувањето во Велс и загуби со 4-0, па едвај се протна во следната фаза од квалификациите на Лигата на шампионите, иако по првиот меч во Скопје обезбеди убедлива предност (5-0). Тренерот Ќатип Османи им даде шанса на некои други фудбалери, а тие дефинитивно не ја искористија на накдобар начин. На полувремето, кога ТНС водеше со 3-0, мораше да ја спасува ситуацијата и во игра ги уфрли Бесарт Ибраими и Марјан Радески. На крајот, тетовци мораат да бидат среќни и што загубија „само“ со 4-0.
Ова го потенцира и тренерот на ТНС, Скот Раско, по завршувањето на мечот во Велс.
„На крајот, треба да бидеме и тажни затоа што не успеавме да ја надоместиме големата негатива. А имавме шанси да постигнеме и шест гола во мрежата на Шкендија. Можеби никој не очекуваше вакво издание од момците по лошиот настап на првиот меч, но ние знаевме дека тоа беше само еден многу лош ден. Со еден сосема поинаков пристап, и со голема желба да докажеме дека ТНС е сепак квалитетен тим, го започнавме овој меч. На полувремето водевме со 3-0, но им реков на фудбалерите да не мислат на резултатот, туку да играат најдобро што умеат. Имавме шанси, стигнавме на само гол до анулирање на негативата, и иако сме елиминирани, сега можеме да кажеме дека дадовме се од себе, а противникот ни се извлече“, изјави Скот Раско, шефот на стручниот штаб на ТНС, по синоќешниот натпревар против Шкендија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА