Скубе останува во Вардар до 2022 година

Организаторот на играта на Вардар, словенечкиот интернационалец Сташ Скубе ќе остане во Вардар до 2022 година. Тој го продолжи договорот со двојниот европски шампион и во иднина ќе биде еден од носителите на играта кај „црвено-црните”.

Скубе дојде на почетокот на сезоната и веднаш се наметна како една од важните алки во играта на Вардар. Стана миленик на публиката и битен дел од играта на „вардарци“.

„Задоволни сме што Сташ останува со нас и во следните сезони. Со продолжувањето на соработката сигурни сме дека ќе бидеме уште подобри, а тој ќе продолжи да биде еден од лидерите во тимот. Вардар го задржува костурот на тимот и сериозно се подготвува за предизвиците во сезоната 2019/2020“ – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Сезонава Скубе во ЛШ постигна 59 гола, а 44 во СЕХА Газпром лигата. Во финалето на СЕХА лигата против ППД Загреб имаше реализација 5/5, а во финалето од ЕХФ Лигата на шампионите реализација 3/5. Со Вардар сезонава освои четири трофеи, почнувајќи од домашниот Суперкуп, па СЕХА Газром лигата, првенството на Македонија и ЕХФ Лигата на шампионите.

Се вчитува...