Интер до пред неколку рунди беше огромен фаворит во трката за скудетото, но големата резултатска криза на „нероаѕурите“ придонесе овој тим сега да се најде во сериозна опасност да остане без првото место на табелата доколку Наполи освои барем еден бод на домашен терен против Торино.
Неколку дена откако беа преслушани од Милан во Купот на Италија, избраниците на Симоне Инзаги попладнево повторно потфрлија и во Серија А, губејќи на домашен терен од Рома со 0-1. Безидејноста е загрижувачки фактор за се уште актуелниот првак на Италија, кој се мачеше да дојде во позиција да ја затресе мрежата на Свилар.
Рома единствениот гол го постигна во првото полувреме, кога Дармијан несмасно интервенираше, топката стигна до Соуле, а Аргентинецот мајсторски ја смести во мрежата. При 0-1 римскиот клуб имаше уште неколку одлични шанси за втор гол, Интер успеа да се спаси, но избраниците на Инзаги беа под посакуваното ниво во нападот, губејќи го вториот меч во низа во Серија А по поразот на гостувањето во Болоња минатиот викенд.
За Рома пак, која игра препородено по доаѓањето на Клаудио Раниери, оваа голема победа значеше и скок на четвртото место на табелата и борба за пласман во ЛШ за следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА