Арне Слот не го криеше задоволството откако Ливерпул по огромна битка успеа да слави на трилер-мечот во Њукасл со голот на 16-годишниот Рио Нгумоха во 100. минута на „Сент Џејмс Парк“.
„Црвените“ не прикажаа игра каква што се очекува од нив, дозволија противникот да доминира со играч помалку на теренот и да се врати од два гола негатива, но на крајот сепак најдоа начин да стигнат до победата.
„Како да се сумира една ваква вечер… ми делуваше така познато, ланското гостување против Евертон, уште еден меч во кој се случија толку многу работи, на моменти владееше хаос на теренот, навивачите беа толку гласнии… атмосферата беше неверојатна, а ние на долги периоди бевме исклучително силни при таква атмосфера, што не е нималку лесно. Да бидам искрен, овие победи ми значат многу повеќе од оние кога славиме со 5-0, ова нема врска со тактика или добар фудбал, знам дека сите уживаа во секој секунда од мечот и затоа е важно што на крајот успеавме и да излеземе како победници“, истакна холандскиот стратег на клупата на Ливерпул.
Тој се осврна и на одлуката да го внесе на теренот тинејџерот Нгумоха, кој неколку минути стоеше крај аут-линијата за на крајот да влезе на местото на Гакпо – и во 100. минута да го постигне победничкиот гол.
„Ни беше потребен гол, но по оние 2-2 следеше најдобриот дел од мечот за Њукасл. Имаа четири корнери, 15 аути, 112 прекршоци… Не толку колку што кажав, но беа навистина многу, но не сакав да ги внесам Рио и Харви Елиот кога се браневме од нафрлувања во нашиот шеснаесетник. И тогаш, конечно добивме слободен удар, ги направивме замените – Рио влезе и знаете што се случи. Секако дека тоа е специјален гол за ова младо момче, важен погодок за нас. Знаеме како е да се прими гол во 89. минута, овојпат ние бевме екипата што имаше повеќе среќа, тоа е реалноста – со многу среќа стигнавме до трите бода“, прокоментира Арне Слот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

