Арне Слот ќе биде наследникот на Јирген Клоп на клупата на Ливерпул откако овој стратег веќе ги договори личните услови со раководството на англискиот гигант.
За комплетирање на летниот трансфер и официјализацијата на доаѓањето на Слот на „Енфилд“ се чека само уште зелено светло од неговиот сегашен клуб Феенорд. Англискиот и холандскиот гигант од вчера се во интензивни преговори да се договори отштетата за тренерот, Феенорд веќе одби девет милиони евра, а се очекува на крајот да биде постигнат договор за сума меѓу 12 и 15 милиони евра.
„Се што можам да кажам е дека клубовите се во преговори, а јас како да се наоѓам во чекална. Дали сум возбуден? Јасно е дека сакам да заминам во Ливерпул летово, веќе се договорив за клучните работи, но морам да почекам клубовите да најдат заеднички јазик пред да можам да кажам нешто поконкретно. Верувам дека тие ќе се договорат, очекувам во следните денови работите да станат појасни“, изјави Слот за холандските медиуми.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА