Слот на чекор до фантастично достигнување: Ова им нема успеано на Гвардиола, Венгер, Фергусон…

Арне Слот ги надмина очекувањата и на најголемите оптимисти меѓу фановите на Ливерпул, па „црвените“ на десет кола до крајот имаат огромна предност во однос на ривалите и се многу блиску до исполнување на големата желба – титула во Премиер-лигата.

Холанѓанецот пристигна минатото лето од Феенорд со одговорна задача – достојно да го наследи Јирген Клоп, а Слот не само што го стори тоа, туку е на прагот веќе во својата година да го донесе толку посакуваниот трофеј на „Енфилд“. Доколку успее во тоа, Слот ќе стане само петти тренер во историјата на Премиер-лига кој во својата прва сезона во елитното англиско фудбалско друштво успеал да се закити со пехарот. Само за споредба, такво нешто не им успеа ниту на Клоп, Гвардиола, Венгер, како и на Сер Алекс Фергусон.

Прв што успеал експресно да стигне до титулата во Премиер-лигата е Жозе Мурињо, „специјалниот“ дојде на клупата на Челси во 2004 година и импресивно стигна до трофејот, со неверојатна одбрана и само 15 примени голови цела сезона, со вкупно 95 освоени бода.

Карло Анчелоти ги следеше стапките на Мурињо, исто така како предводник на Челси, завршувајќи ја сезоната 2009/10 со шампионски трофеј, но и со импресивен офанзивен фудбал, со 103 постигнати гола и гол-разлика од плус 71.

Мануел Пелегрини имаше слаб почеток на авантурата во Манчестер Сити, но ја доби довербата на управата и им возврати со шампионска титула, откако успеа да направи серија од фантастични 20 меча без пораз.

Последниот кому му успеало во првата сезона во Премиер-лигата да стигне до титула е Антонио Конте, кој успеа да го препороди Челси и да ја врати титулата на „Стемфорд бриџ“.

А сега, на чекор да стане дел од тоа одбрано друштво е и Арне Слот…

Се вчитува...