Ливерпул под водство на новиот менаџер Арне Слот, без сомнение, планира реконструкција на тимот со нови сили кои ќе донесат свежина согласно посакувањата на Холанѓанецот меѓу „црвените“.
Па, токму затоа, Ливерпул веќе испратил понуда од 45 милиони евра за дефанзивниот играч за врска на италијанска Аталанта, Едерсон. Тимот од Бергамо бара за 24-годишниот Бразилец нешто повеќе од 50 милиони евра, но јасно е дека двата клуба лесно би можеле да се договорат ако има сериозен интерес.
Добро упатени извори од Ливерпул, тврдат дека Холанѓанецот нема намера да се потпре на засилувањето од минатото лето Ватару Ендо и сака клубот да донесе нов квалитетен дефанзивен играч за врска.
Во пакет со Едерсон, Ливерпул е заинтересиран и за уште еден фудбалер од Аталанта, Тун Копмајнерс. Интересот за Копмајнерс не треба да изненадува ако се знае дека соработуваше со Слот кога овој беше тренер во АЗ Алкмар. Тие двајца се во одлични односи од тој период и „црвените“ се надеваат дека новиот тренер може да биде предност во одлуката на Копмајнерс каде да ја продолжи кариерата, и покрај тоа што за него сериозен интерес пројавува и Јувентус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА