Ливерпул се наоѓа во сериозна криза откако „црвените“ одиграа само 1-1 на домашен терен против Сандерленд, за уште поголем притисок врз Арне Слот во оваа кошмарна сезона за актуелниот англиски шампион.
Холандскиот стратег не го криеше разочарувањето од конечниот исход во мечот во кој Ливерпул лесно можеше да остане и без тој еден бод, ако се знае дека се спаси со голот на Вирц, а потоа во судиското продолжение Киеза пред самата гол-линија спречи Сандерленд да постигне втор гол.
„Очигледно е дека имаме проблем, тимовите кои доаѓаат на „Енфилд“ веќе го немаат истиот страв како порано. Секој доаѓа овде со верба дека може да стигне до резултат, да слави, тоа беше случај и денеска со Сандерленд. Примивме гол по одбиен шут што заврши во мрежата и се беше потешко, бидејќи знаеме дека Сандерленд има одлична одбрана. Тие беа полни со самодоверба, што само ни ја отежна работата. Дури и кога победувавме на стартот на сезоната, тоа беа тешки победи, па ривалите видоа дека може да играат со нас, забележаа дека сме ранливи и сето тоа се одразува на нашите резултати во овој период. Секако дека не заслуживме пораз, реми и еден бод е минимумот што го заслуживме со играта, мораме да продолжиме да работиме и да напредуваме“, истакна Слот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

