Словачка е ривал што мора да падне во „Кале“

Македонските кошаркари вечерва со почеток во 19 часот ќе ја пречекаат селекцијата на Словачка, во обид да стигнат до втората победа од стартот на претквалификацискиот циклус за Евробаскет 2025. Драматичната победа во Данска над скандинавскиот ривал дополнително ја крена самодовербата во нашиот табор, па „црвено-жолтите“ предводени од Ненад Димитријевиќ се оптимисти за нов позитивен исход, со кој широко би се отвориле вратите кон главните квалификации.

Словачка е ривал против кој по традиција имаме добри настапи, оваа селекција беше два пати совладана под водство на Јорданчо Давитков во квалификациите за ЕП одиграни во 2017 и во 2018 година, а еднаш бевме подобри од Словаците и на претквалификацискиот турнир во Скопје под водство на Драган Бајиќ, натпревар што го одигравме без повеќе од половина стандардни репрезентативци, но сепак успеавме да стигнеме до посакуваниот резултат. Единствениот пораз од Словачка го претрпевме на вториот дуел од истиот турнир (72-88), откако веќе го обезбедивме учеството во главната квалификациска фаза.

Словачка катастрофално ги почна овие претквалификации, во првото коло губејќи дома од Норвешка со 68-87. Очигледно е дека неиграњето на Бродзиански и на Курич, кои се двајца најдобри словачки кошаркари, е огромен проблем за оваа селекција, нешто што Македонија ќе мора да го искористи на денешниот дуел.

„Скаутингот за Словачка е веќе одработен, бидејќи имавме доста време по пат за да работиме на тоа. Шансата за триумф ќе ја бараме каде што ја најдовме со Данска. Во тимска игра, тимска одбрана, спроведување на системот од претходните три недели. Таа стартна победа беше награда за момците за се, се надевам дека ќе добиеме поддршка од публиката во Кале, очекувам да дојде во поголем број и да им даде поддршка на момците и стручниот штаб во обидот да ја потврдиме победата од Данска“, вели селекторот Јончевски во пресрет на дуелот со Словаците.

Се вчитува...