Македонската кошаркарска репрезентација денеска и утре во Братислава ќе одигра две контролни средби со Словачка, што воедно ќе претставуваат и први контроли на „црвено-жолтите“ под водство на Јорданчо Давитков. Македонскиот селектор е свесен дека националниот тим е далеку од потребниот натпреварувачки ритам, но во секој случај пресметките со Словаците ќе бидат добредојдени за темпирање на формата пред стартот на претквалификациите за СП 2019.
Американецот Џордан Теодор ќе го има своето деби во македонскиот дрес, иако селекторот Давитков најави дека не планира премногу да го форсира одличниот бек, кој последен се приклучи на подготовките и не се наоѓа во натпреварувачка форма. Зa очекување е сите кошаркари кои отпатуваа за Словачка денеска и утре во Братислава да добијат подеднаква минутажа и можност за докажување пред селекторот, кој дополнително ќе одлучи кои играчи ќе ги бранат боите на Македонија во претстојниот цицклус на претквалификации.
Денешниот прв натпревар меѓу Словачка и Македонија ќе биде од затворен карактер, додека утрешниот дуел, закажан за 16 часот ќе биде отворен за јавноста.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА