Словенечкиот селектор најблиску до клупата на Динамо Загреб

Дали дојде време, конечно, словенечкиот селектор и поранешен тренер на Ријека, Матјаж Кек да седне на клупата на Динамо Загреб? „Модрите“ останаа без тренер откако вчера Дамир Крзнар по поразот од Ријека во 1/4 финалето од Купот, си поднесе оставка.

Кек веќе долго време се споменува како нов кормилар на Динамо Загреб, но присутни се неколку проблеми. Првиот е што Кек знае колку е „жешка“ клупата на Динамо, па сигурно не би прифатил да биде тренер само за неколку месеци. Ќе бара договор на најмалку три години. Вториот проблем е што веќе неколку пати одбиваше добри понуди, само да остане на клупата на Словенија. Меѓудругите, едната понуда беше од Италија, а втората од Хајдук. Третата е што Кек не би сакал да прифати среде сезона да води екипа, меѓутоа тука има една олеснителна околност, а тоа е зимската пауза во која Кек може да ја консолидира екипата.

Кек е добро познат на хрватската јавност откако испиша историја со Ријека, освојувајќи ја двојната круна, првпат во историјата на клубот. Во неговиот тим тогаш играа Стефан Ристовски и Леонард Жута. Потоа Ристовски замина во Спортинг, Жута во Коњаспор, а Ристовски сега е во Динамо Загреб, па не е исклучена повторна соработка.

Кек има договор со Словенија до јуни 2022 година, и не би требало да биде проблем и сега да ја превземе екипата.

Покрај Кек, меѓу кандидатите се и поранешните играчи на „модрите“, Роберт Просинечки и Игор Бишчан.

Се вчитува...