Со натпреварот меѓу Словенија и Данска беше означен и почетокот на ракометните возбудувања на ОИ во Париз, со стартот на женскиот турнир додека машкиот и официјално ќе почне в сабота. Премиерната пресметка мина во знакот на данските ракометарки, кои благодарение на цврстата одбрана го диктираа резултатот и заслужено триумфираа со 27-19.
Данска од самиот почеток имаше контрола над резултатот, поведувајќи со 4-1 по само неколку минути игра. Словенките покажаа карактер и успеаја да се вратат израмнувајќи на 5-5, но ниту еднаш не успеаја да го преземат водството. Мечот беше „егал“ се до 9-9, кога Данките успеаја да се одлепат повторно резултатски и на одмор да заминат со водство од 14-11. Данската одбрана на чело со голманката Рајнхарт беше во главна улога во вторите 30 минути, во кои Словенките се мачеа да го најдат патот до мрежата (само два гола од 31. до 45. минута на мечот). Водството на скандинавската селекција растеше од минута во минута, за убедливи 27-19 како конечен резултат за Данска и успешен старт на оваа репрезентација на ОИ во Париз.
Рајнхарт имаше 13 одбрани на голот на Данска, а во нападот на победничката селекција најефикасни беа Естергард и Фрис со по пет погодоци. По пет гола во таборот на Словенија постигнаа Грос и Станко.
Во преостанатите две средби од првото коло во оваа група се среќаваат Германија – Јужна Кореја и Норвешка – Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА