Словенците без одговор за Шпанија, Португалците убедливи

Шпанија го осигура пласманот во четвртфиналето на ракометниот мундијал откако „црвената фурија“ славеше на денешниот прв меч на програмата против селекцијата на Словенија, со 31-26.

Гонзало Перез де Варгас беше клучниот фактор на овој натпревар, по израмнетите 15-15, Шпанците благодарение на одличната одбрана и на расположениот Перез де Варгас го скршија отпорот на словенечкиот состав, заслужено стигнувајќи до победата. Доленец постигна седум гола за Словенија, пет пати реализираше Блаж Јанц, додека најефикасни кај Шпанија беа Каулди Одиозола со шест и Дани Душебајев со пет погодоци.

Португалија, која е следен ривал на репрезентацијата на Македонија во квалификациите за ЕП 2024, лесно и убедливо триумфираше над Зеленортските острови со 35-23. Португалците по 30 минути игра имаа само „плус два“, но затоа во продолжението целосно го скршија отпорот на противникот, со брза игра и ефикасен напад стигнувајќи до убедлива победа.

Се вчитува...