ЕКИПА во Љубљана,
Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски
Македонската одбојкарска репрезентација направи големо изненадување совладувајќи ја домашната селекција на Словенија со 3-1 во сетови во последниот меч од групната фаза на Европското првенство. Ја отвори вратата и за влез во осминафиналето, но за конечно чекирање на билетите кон Франција ќе треба да се сочека и развојот на денешниот последен ден од групниот сегмент. Во нашиот фокус е мечот меѓу Турција и Финска во кој Финците не смеат да слават. Во таков случај, Македонија патува за Нант меѓу 16-те најдобри одбојкарски репрезентации на континентот.
Словенците честитаат за заслужениот триумф на Македонија и велат дека воопшто не ги потцениле Никола Ѓоргиев и соиграчите.
„На Македонците треба да им честитаме. Одиграа одлично, агресивно во одбраната. Ние не бевме на вистинското ниво, не игравме во нашиот систем, а тврдам дека воопшто не ги потценивме. Тине Урнаут сакав малку да го одморам во првите два сета, затоа што ги одигра досега сите мечеви. Жалиме за првиот пораз, но мораме да се кренеме и да размислуваме за денешниот дерби дуел против Русија“, изјави словенечкиот селектор, Алберто Џулијани,
Либерото Јани Ковачич вели дека Словенија потфрли во сите сегменти на играта, но затоа што Македонија одигра одличен меч.
„Тешко е нешто паметно да се каже по еден ваков пораз. Македонците беа подобри, можеби и помотивирано влегоа во мечот. Ние ќе треба веднаш да го заборавиме овој пораз, а тоа нема да биде лесно“, изјави Ковачич.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА